По многубројните враќања на српска стока со пестициди од границите на соседните земји, на почетокот на месецов, поради присуство на адитиви на титаниум диоксид, вратена е и пратка бисквити од Србија, наменети за хрватскиот пазар, јави дописникот на МИА од Белград.
– Во бисквитот од Србија е пронајдена штетна состојка, предупреди Европскиот систем за брзо предупредување во користењето храна (RASFF), па пратката е вратена од хрватската граница во Србија.
Титаниум диоксидот (адитив Е171) е забранет во ЕУ од август минатата година, но не и во Србија, при што од ЕК наведуваат дека постојат основани сомневања дека овој додаток предизвикува генотоксичност. Ова значи дека постои потенцијална способност на хемикалијата да ја оштети ДНК, генетскиот материјал на клетките.
Оваа состојка се користи како боја во производите за широка намена, додатоци за колачи и торти, бонбони, пасти за заби, креми за сонце и други козметички производи.
Со години се сомнева дека титаниум диоксид може да предизвика и рак. Во 2017 година, француските научници докажаа дека редовното внесување на адитивот Е171 кај стаорци доведува до слабеење на имунолошкиот систем и воспаление на цревата.
Дејан Гавриловиќ од здружението на потрошувачи „Ефектива“ изјави за „Данас“ дека бисквитите не се единствениот пример кога српската роба не ги исполнувала критериумите на ЕУ, и дека во текот на летото биле вратени неколку пратки, особено поради преголемото количество пестициди. Бисквитот, рече тој, е уште еден показател за несоодветна контрола на храната во Србија.
-Не можеме да бидеме сигурни дали вратената пратка е дистрибуирана на српскиот пазар, бидејќи критериумите на Србија не се исти како во ЕУ, и затоа, сомнителната стока за Европа, според властите, не мора да биде сомнителна за нашата земја, рече Гавриловиќ.
Тој додаде дека надлежните за проблематичните чипсови вратени од Хрватска, рекле дека вратената пратка е уништена, но ништо не се проверува и не би било изненадување доколку биде пуштена во оптег, бидејќи е исправна според домашните стандарди.