Португалскиот премиер Антонио Кошта му понуди оставка на претседателот на земјата поради истрагата за наводните неправилности во работењето на владата со договорите за проекти за ископување литиум и т.н. чист водород, објави вчера португалската телевизија СИЦ.
-Неколку португалски владини згради беа претресени вчера како дел од истрагата за наводните незаконитости во зделките за литиум и таканаречените зделки за чист водород, соопштија официјални лица, додека локалните медиуми објавија дека две лица блиски до премиерот се приведени.
Португалските медиуми објавија дека се приведени најмалку пет лица, меѓу кои и шефот на кабинетот на премиерот Антонио Кошта, Витор Ескари и деловниот консултант Диого Ласердо Машадо кој е пријател на премиерот. Меѓу приведените е и градоначалникот на градот Синес, како и двајца претприемачи, наведува весникот „Публико“, посочувајќи дека има инвестициски планови за изградба на водородни постројки во Синес.
Кабинетот на премиерот потврди дека биле претресени просториите на владата, но одбиле да коментираат повеќе.
Според локалните медиуми, истражителите вчера извршиле претрес на неколку владини згради, меѓу кои и официјалната резиденција на премиерот, Министерството за животна средина и Министерството за инфраструктура. Државните обвинители во јануари објавија дека истражуваат деловни проекти поврзани со литиум и водород, но тогаш не ги наведоа имињата на осомничените. Со 60 илјади тони откриени резерви, Португалија е најголемиот европски производител на литиум.