„Чувствувате ли морална одговорност што во Онколошкиот конзилиум е екс директорот Никола Васев, кој е под истрага? Во негово време се случува монструозен чин за кој целата јавност зборува и вие сега човек како Никола Васев одлучува за терапија… велите искусен – во што е искусен?! Ако се покаже дека е искусен во продавање на биолошка терапија… што правел цела година таму?! Дали морално ќе одговарате и во ваше време некој пациент ако не ја примил терапијата и ако продолжува продажбата на истрагата? – праша пратеникот Коцевски. Прашањето го упати до актуелната в.д. медицинска директорка на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија на седницата на собраниската Анкетната комисија за истражување на работата на Клиниката, Виолета Клисарова, која денеска одговара пред членовите на оваа Комисија.
В.д. директорката се обиде да објасни, но ја совладаа емоциите. Кога дојде до делот за нејзината морална одговорност што екс директорот под истрага Никола Васев се’ уште одлучува за тој кој ќе прими терапија, како дел од Онколошкиот конзилиум, одвај се воздржа, и’ трепереше гласот додека му одговараше на пратеникот.
-Ние немаме добиено никакво судско или друго решение од Обвинителство Никола Васев да биде отстранет и да не учествува во работниот процес. Забелешката за Васев Ви е во ред. Во однос на моралната одговорност точно и добро што кажавте, не само во овој дел, воопштено недостатокот на лекови и целата ситуација на лекување ме става и како човек и како лекар и како медицински директор под голема морална одговорност… Сум помислила јасно и гласно тоа да го изразам, но со оглед на истрагата, сметам дека не пожелно во овој момент. Кога ќе заврши истрагата, доколку се утврди вина, Ве молам, повторно да ми го поставите ова прашање, одговори д-р Клисарова, одвај додржувајќи ги емоциите.
По ова, беше дадена петминутна пауза на седницата на Анкетната комисија во Собранието.