Осуденици од Казнено-поправната установа „Идризово“ бараат средба со Народниот правобранител и со Хелсиншкиот комитет, а во спротивно од утре најавуваат штрајк со глад.
Од управата на „К.П.У. „Идризово“ потврдуваат дека до нив е стигнато писмо со најава за штрајк со глад. Во писмото се наведува дека штрајкот е поради осудениците кои беа повредени викендов при претрес во полуотвореното одделение.
– Ние осудениците од Н.П.О-одд при К.П.У. „Идризово“ ве известуваме дека од утре, 31 октомври, стапуваме во штрајк со глад поради тешко повредените осуденици на кои не им се укажува лекарска заштита иако се со тешки телесни повреди како последица од полициската акција, се наведува во писмото.
Министерството за внатрешнби работи викендов соопшти дека при претрес во полуотвореното одделение во „Идризово“ се повредени 10 полицајци при судир со група затвореници кои пружила отпор. При претресот, пронајдени се 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефон и дрога.