Православната црква и верниците денеска го слават празникот посветен на преподобната Мајка Параскевa, во народот позната како Света Петка.
Света Петка се смета за заштитник на жените, болните и сиромашните и се слави на 27 октомври.
Народните верувања велат дека на овој ден не смее да се перат алишта, да се меси леб, да се шие и да се работи тешка работа, а тоа особено се однесува на жените.
На иконите света Петка е претставена во монашка облека со крст во раката, бидејќи водела строг пустински подвижнички живот.
Има и некои сведоштва за чудата на света Петка, наводно таа ги казнува сите што не ги почитуваат правилата и работат на Велика Недела.
Исто така, секој што има некаков здравствен проблем нека се мие на извор или чешма во близина на храмот света Петка. Дозволете им на младите девојки да берат цвеќе и да ја украсуваат куќата за да владее мир во текот на целата година. Малите девојчиња денеска треба да облечат нови фустани за да ги придружува среќата во наредната година.
Името Света Петка или Параскева е од грчко потекло и значи петок. Оваа светица е родена кон крајот на 10 век во Епиват, во близина на градот Каликратија во Мала Азија.
Нејзините родители биле богати и побожни христијани. Освен неа, имале и постар син Евтимиј, кој се замонашил со одобрение и благослов на родителите, а подоцна станал епископ Мадитски.
Света Петка уште од најраното детство била многу побожна. По смртта на нејзините родители,таа сакала да се поклони на најголемите светци, па отишла во Цариград, каде што живеела пет години во близина на црквата „Пресвета Богородица“ во предградието на Ираклион.
Оттаму таа отишла во Палестина, со цел да се поклони на сите места осветени со животот на Спасителот. Според Божјата Промисла, таа се населила во Јорданската пустина, каде што живеела до длабока старост.