Родовата перспектива – дел од стратешкото планирање на институциите
Родово-одговорното буџетирање не е нешто што е непознато за нашата јавна администрација. Безмалку 500 службеници посетиле обуки на оваа тема со цел да искреираат подобри програми, вклучително и во областа на родовите односи.
За ова информираше заменик министерот за труд и социјала, Енвер Хусеин, кој се обрати на форумот во Скопје каде се поврзаа глобалната експертиза и локалното искуство во користењето на научените лекции за РОБ и за следење на интернационалните фондови за родова еднаквост.
„Родовото-одговорно буџетирање не е изолиран процес, туку е дел од интеграцијата на родовата перспектива во сите политики, со цел одобрување на позицијата на жената и намалување на родовата нееднаквост. Во овој контекст, ја донесовме и Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 која е основниот стратешки документ со кој се воспоставува сеопфатна рамка за понатамошни активности во насока на унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на жените“, изјави заменик-министерот.
Тој рече дека врз основа на оваа Стратегија, се подготвува и национален акциски план за родова еднаквост 2022-2024.
„Исто така, ја донесовме и Националната стратегија за еднаквост и недискриминација 2022/2026, како и Акциски план 2022-2024. Оваа година го изработивме вториот индекс за родова еднаквост, кој бележи благ пораст за 2,5 поени во сите домени споредбено со претходниот индекс од 2015“, изјави Хусеин.
Искуството покажува дека 14 министерства и агенции на централно ниво во земјава, барем една програма од својата работа ја прават да биде родова сензитивна, а со тоа алоцираат средствата да бидат распределени балансирано.
Сепак, директорката на ЦИКП, Ристеска вели дека буџетскиот документ, сѐ уште не ни покажува колкав е родовиот буџет, односно колкав процент од средствата кои се планирани ќе имаат влијание на родовата еднаквост и ќе ја унапредат состојбата и статусот на жената, или пак односите помеѓу мажите и жените во нашето општество.
„Оттука потребно е да се зголеми и нивото на транспарентност, одговорност и отчетност на Министерството за финансии, што верувам ќе се случи во 2025 кога ќе почне да се применува новиот закон за буџетите и тоа е предвидено како задолжително“, вели Ристеска.
Ја прашавме, дали централната власт треба и може да им помогне на општините да ги зајакнат своите капацитети, на што таа посочува дека токму државата има одговорност да гради капацитети.
„Засега многу од капацитетите кои се изградени зависат од учеството на меѓународните роганизации и нивната инвестиција. Но веќе мораме да почнеме да се свртуваме самите кон себе. Бидејќи веќе постои домашен капацитет кој треба да го искористиме и да го ставиме во функција на градење на понатамошни капацитети. Веќе во 2025 година ќе мораме да го спроведеме новиот Закон за буџетирање којшто го вклучува родово-одговорното буџетирање како задолжително, за што ќе ни биде потребна експертиза за родова анализа, ќе ни биде потребна експертиза за дефинирање на родови индикатори, за поставување на родови цели, за спроведување и известување на тоа колкав дел од буџетот е во функција на унапредување на родовата еднаквост и кои резултати ги постигнуваме“, заклучува Ристеска.
Минатиот месец во едно од своите обраќања, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска истакна дека родово-одговорното буџетирање може да направи разлика во општеството:
„Родовото одговорно буџетирање е тема на која што посветено работам уште од 2007ма година. Во тоа време овој концепт беше целосно непознат за нашето општествено опкружување, затоа имаше потреба добрите практики да ги преземеме од другите земји и со посветена работа да ги вметнеме или наметнеме на нашата политичка сцена за да се постигне некаков напредок по ова прашање“.
Тренчевска направи споредба на општественото поставување кога е започната нејзината борба за РОБ и моменталната општествена ситуација.
„Општественото окружување кога почнав да работам на оваа тема и денес од перспектива од она што навистина го достигнавме како активисти и функционери е многу поинаква. Горда сум на фактот што го отворивме Ресурсниот центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање во март минатата година. Има уште две вакви во светот. Третиот е формиран од нашето министерство и ќе се залагаме во периодот кој што следи да прерасне во регионален центар“, рече министерката.
Вања Мицевска