Со повреди завршиле две ученички од прва и втора година од ЕМУЦ „Коле Нехтенин“ од Штип, изутрината околу 7:20 часот, додека оделе кон училиштето. Во нив удрило возило Цитроен, управувано од 28-годишен штипјанец, поранешен ученик во училиштето. Девојчињата се однесени во Клиничката болница, каде им е укажана лекарска помош.
-Денеска (10.10.2023) околу 07.30 часот во СВР Штип било пријавено дека на ул.„Гоце Делчев“ во Штип, патничко моторно возило „цитроен ц1“ со германски национални ознаки, управувано од Н.Б.(28) од Штип, удрило во две малолетнички на возраст од 16 и 15 години. Во несреќата, 16 – годишната малолетничка се здобила со тешки телесни повреди, а другата со телесни повреди констатирани во Клиничката болница Штип, соопштија од СВР Штип.
Едното од девојчињата има тешка телесна повреда – скршеница, додека другото, како што потврдија од Клиничката болница има телесни повреди и огреботини.
Пешачкиот премин е единствениот приод кон училиштето од спротивната страна на булеварот. Има заштитна ограда и кружен тек во близина со кој се успорува сообраќајот, решение кое беше донесено откако пред неколку години беше прегазен по што почина 15-годишен ученик.