Јавното обвинителство со тимови на обвинители и истражители работи на обемна документација и распит на вработени во Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на Клиниката, како и медицински истории на уште околу 40-тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето. Основното јавно обвинителство Скопје формираше тим од експерти кои вршат анализа на целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите.
-Надлежните јавни обвинители извршија распит на повеќемина вработени на Клиниката за онкологија, како и на двајца експерти. Дополнително, во тек се распити и на 20-тина пациенти кои до овој момент доброволно се јавија на телефонската линија на Основното јавно обвинителство Скопје за да и помогнат на истрагата со свои сознанија, соопшти Обвинителството.
Како што информираше Обвинителството, во истрагата помагаат и други државни органи. Министерството за внатрешни работи по наредба на јавниот обвинител врши анализа на компјутерските податоци одземени при извршените претреси на три локации.
Единицата за финансиски истраги при МВР е задолжена да изврши финансиска истрага, а определени дејствија се побарани и од Управата за финансиско разузнавање. Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, согласно своите надлежности, треба да изготват и да достават извештаи за работата на Клиниката. Ќе бидат вклучени и државните ревизори од ДЗР, кои ја работеа ревизијата на Клиниката и излегоа со конкретни наоди.
-Основното јавно обвинителство Скопје, користејќи ги каналите за меѓународна соработка и размена на информации, ќе побара податоци од надлежните органи во Косово и Албанија за пациенти од тие земји кои се лекувале со одредени терапии во РС Македонија, како и за евентуални сознанија за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји, стои во информацијата од ЈОРМ.
Неформалната група пациенти од Клиниката за онкологија вчера до Основното јавно обвинителство Скопје доставило список од тројца директни пациенти и еден близок сродник на пациент на Клиниката кои би биле вклучени и би добиле директен увид во сите докази прибрани во текот на постапката. Во текот на денешниот ден, јавните обвинители ќе ги контактираат тие лица за да ги повикаат во Обвинителството да потпишат изјави за тајност и да ја договорат динамиката на активностите.