На петтиот ден откако гори депонијата кај селото Добарце, Општина Желино интервенираше Дирекцијата за заштита и спасување фрлајќи вода од противпожарните авиони „Ер-трактор“. Според претставниците на Центарот за управување со кризи со оваа денешна интервенција се смета дека пожарот веќе не е активен.
– По успешното дејство на два противпожарни авиона „Ер-трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, во два наврата, врз депонијата, во моментот додека информираме пожарот не покажува знаци на активност и не чади. Во тек е ангажман на градежна механизација за дополнително затрупување на деловите каде што чадело – информираше раководителот на Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи.
Од тетовската пожарна информираат дека тие пет дена редовно интервенираат на пожарот со тоа што се праќани пожарникари да го гаснат огнот употребувајќи вода од камионите со цистерни.
-Овие пет дена постојано фрламе вода, но според мене целосно ликвидирање на запалениот отпад ќе има кога ќе се изгаси огнот и ќе се затрупа изгореното со земја. Во купиштата изгорен отпад се појавува внатрешно согорување и затоа е потребно да се затрупа, информираше Авни Амети, командир на Територијалната против пожарна единица Тетово.
Пожарот избувна во саботата 9 септември.