„Држава која затворениците не ги третира како луѓе не може да се нарече држава“, во прилог на оваа реченица, министерот за правда Кренар Лога сподели фотографии од лошите услови и пренаселеноста по македонските затвори. Овој потег уследи откако јавноста дозна дека се подготвува скратување на казната на затворениците за 30 отсто, со исклучок на сторителите на тешки кривични дела.
„Предлог-законот за амнестија е итна потреба, па дури и задоцнет“, соопшти министерот Лога.
Наспроти сомневањата во јавноста дека измените се подготвуваат предизборно, министерот за правда тврди дека е тоа поради пренатрупаноста на затворите, до точка на нехуманост.
На иста линија е и народниот правобранител Насер Зибери, кој рече дека најголем проблем со пренаселеноста и токму во најголемиот македонски затвор – Идризово.
Таму состојбите Зибери ги нарече „крајно загрижувачки“.
„Затоа ние сметаме дека идејата сторителите на кривични дела од помал интензитет и со пониски казни можеби е добро што ќе бидат опфатени со амнестија, но алтернативните мерки секогаш ги потенцираме како начин за надминување на проблемите со прекубројноста во затворите, рече Зибери, кој како освен пренатрупаноста ги нагласи и проблемите со здравствената заштита на затворениците, условите за живеење таму, проблемите со кои се соочува затворската полиција зашто треба да се грижи за поголем број на затвореници.
-Затоа сметаме дека амнестијата ќе оди во прилог, но изрекувањето на алтернативните мерки, прохабицискиот систем, системот на алки, се палета на мерки кои во развиените држави одлично функционираат и не прават притисок врз казнено-поправните установи во смисла на прекубројност на сместените осуденици и затоа ги охрабрувам судовите да бидат посмели во изрекувањето на овие алтернативни мерки, иако морам да признаам дека во последните три години алтернативните мерки имаат голем раст при изрекувањето казни од страна на судовите, изјави Народниот правобранител.
Предлог законското решение уште во јули го најави Министерството за правда, како еден од првите активности на новиот министер Лога. Законот се’ уште не е влезен во процедура, но би требало да влезе, смета премиерот Димитар Ковачевски, кој го поддржува решението поради истиот аргумент – пренаселеност на затвор. Ковачевски не можеше прецизно да одговори дали со овој предлог закон им се намалуваат казните и на осудените за насилствата во Собранието познат како „27 април“.
-Факт е дека затворите се пренатрупани. Постојат и други инструменти на казнување, како одредена работа во општествени цели. За „27 април“ точно ќе ве информираат од Прес службата, мислам дека не ги опфаќа овие дела“, рече Ковачевски.
Министерот за правда Лога, кој доаѓа од Алтернатива, силно се противи на идејата за амнестирање на овие затвореници. Тој веќе се изјасни дека доколку се случи пазар меѓу СДСМ и ВМРО за амнестија за осудените за 27 април, како што рече „Алијанса за Албанците жестоко ќе се спротивстави и ќе го блокира законот со милион амандмани“.