Жителите на селата Таринци и Нов Карорман заедно со градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, вечерва организираа протест и не дозволија да се создаваат јами, во кои ќе се закопаат заболените свињи од африканската свинска чума во фармата која е во близина на селото Таринци. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов вели дека според информациите станува збор за 9.000 до 10.000 свињи, кои се одгледувале во најголемата фарма во овој регион.
-Еден од најголемите произведувачи на свинско месо е токму оваа фарма во село Таринци и она што е голем проблем во овој момент, каде тие угинати свињи би завршиле. Токму тоа се случуваше и вечерва, тие се обидуваа на државно земјиште да го узурпираат и да копаат некој вид јами, коишто би биле потенцијална гробница на угинатите свињи, вели Паунов.
Посочува дека градежните машини копале меѓу селата Таринци и Нов Карорман и во непосредна близина на Индустриската зона, каде што има неколку фирми.
-Излеговме на еден мирен протест за да го спречиме ова на почетокот, затоа што по моите сознанија тие во овој момент не располагаат со никакви одобренија, ниту од Агенцијата за храна и ветеринарство кои интервенто донеле решение за усмртување на тие животни. Но, не се направени никакви испитувања од страна на животна средина, дали таа локација би била соодветна и дали е потенцијална опасност за населението, за ширење на некакви болести или загадување на подзомните води, вели Паунов.
Околу 30 жители се собрале на локацијата, по што градежните машини запреле со работа. Паунов најави дека утре ќе има состаноци со надлежните инспектори за овој проблем.