Менаџерскиот тим на Бреговиќ се огласи и објасни зошто тој не можел да влезе во Молдавија.
-Концертот на Бреговиќ мораше да се одложи бидејќи организаторите на фестивалот од Молдавија не ја подготвија потребната документација согласно новите услови за влез на државјани на Србија во таа земја. Горан не го ни започна патувањето до Кишњев бидејќи одеше од друга дестинација – велат во менаџерскиот тим на Бреговиќ и објаснуваат:
-За него не би имало проблем бидејќи има француски пасош, но организаторите не ја „направиле“ потребната документација за членовите на оркестарот. Затоа сите уредно се вратија преку Истанбул и веќе во среда Горан ја продолжува договорената турнеја. Се очекува да настапи во Португалија, Австрија, Турција, Грција и Романија на најпрестижните музички фестивали што се одржуваат на крајот на летото и почетокот на есента.
Бреговиќ претходниот ден испрати соопштение што организаторите на „Гитарскиот музички фестивал“ што се одржува во Молдавија го објавија на веб-страницата на настанот.
-Со сите мои музичари сум на турнеја низ цела Европа и никогаш никаде немало никакви проблеми. Многу ја сакам вашата земја и уживам во секоја прилика да настапувам во Молдавија, особено на ваков колоритен и уникатен фестивал. Многу ми е жал што ми ја ускратија радоста и задоволството овојпат да се појавам пред вас – изјави Бреговиќ, пренесува Блиц.рс.