Владо Георгиев ќе одржи концерт во Крива Паланка, а тој е втората балканска ѕвезда која годинава ќе биде дел од јубилејното 10 издание на музичкиот фестивал Joy fest.
Настапот на Владо е планиран за првата фестивалска вечер, што значи дека публиката ќе може да ужива во неговите песни на 27 август.
Концертот ќе започне во 21 часот, а ќе се одржи на градскиот стадион во Крива Паланка.
Јубилејното издание на Joy fest годинава ги собира најдобрите македонски и балкански музички имиња.
Досега се најавени ДНК, „Нокаут“ , „Фикшн“ и Галоски, додека од балканските простори пристигнува Здравко Чолиќ, кој ќе настапи на 28, а сега веќе дефинитивно е потврдено и името на Владо Георгиев.
За неговите песни нема потреба што посебно да се зборува, неговите големи хитови им се познати на сите.
„Joy fest“ изминава деценија докажа зошто важи за еден од најдобрите музички фестивали. На сцената продефилираа многу познати музички имиња од дома и странство.