Да се биде даеку од дома, а да се мисли на дома е многу тешко. Тешко е и да се продолжи приказната на кралот на рокенролот Елвис Присли.
Но, нашиот Ване Црнгаров, кој потекнува од струмичкото село Куклиш, но 25 години живее во Мелбурн, Австралија, ги споил двете тешкотии во позитивен начин на живот и размислување. Ване, кој многу личи на Присли, со неговите песни не го знаат само во Австралија, туку и Америка. А носталгијата ја лечи со тоа што секое лето тој е тука, во родниот крај.
Така беше и ова лето, кога Ване од Мелбурн пристигна со две убави вести.
Првата е дека го издаде вториот албум со песни од Елвис, додека втората е што на шести овој месец на филмскиот фестивал во Стумица ќе биде премиерата на документарецот „Сонцето не грее од сите страни“, кој се однесува на неговиот лик и дело, а кој го финансираше Ал Џезеира.
Зошто се одлучивте името на документарецит да биде „Сонцето не грее од сите страни“? Што те наведе да го кажеш тоа, сепак, живееш во Австралија, држава која е многу посредена од нашата?
-Тоа е една позната максима, што ние во Струмица ја употребуваме често. Ако нешто супер ти оди, ако материјално ти е погодено, сепак, мора да има нешто што ќе те мачи. Што значи мене колку и да ми е убаво во Австралија, сепак, ми недостасува Македонија, ми недостасуваат луѓето. Не е сѐ во парите, јас велам дека духовното не се надополнува со ништо. Да, јас живеам 25 години во Австралија, но токму од тие причини скоро секоја година сум тука. Носталгијата и поврзаноста со семејството си го прават своето. Ако си таков, секако, но ако не си можеш да бидеш и тврд како камен. Јас сум тврд како камен, така изгледа, ама емотивно и сентиментално сум мек како сунѓер. За тие 25 години имав многу падови и турбуленции, но секогаш велам, ако знаеш кој ти е правецот тогаш се движиш и рушиш сѐ пред себе, секако во позитивна смисла. Среќен сум што ќе се емитува документарецот во Македонија, во мојата родна Струмица.
Но, пред да заминеш во Австралија, па и таму потоа ти ја негуваше македонската фолк музика. Од каде влезе во филмот на Елвис Присли?
-Уште кога заминав таму ја забележаа мојата сличност со Елвис, но да бидам искрен, тогаш со англискиотм јазик не стоев добро. А јас сум инструменталиста, хармоникаш и се знаеше што се слуша во Австралија. Ја негував староградската музика, македонскиот фолк. Но, потоа самата опшествена промена, тоа што во Австралија живеат многу нации, ме наведе да почнам и со друг тип музика. Потоа од тамошната публика ја видоа сличноста со кралот на рокенролот, и кај и да одам ме поисоветуваат. Ме среќаваат на улица и сакаат да се сликаат со мене. Потоа малку го сменив имиџот и ете го резултатот. Во 2007 година ме избраа да одам на светскиот фестивал во Мисисипи, каде е роден Елвис, да ја претставувам Австралија, поточно Македонија. Но, хендикепот беше што англискиот јазик не го владеев совршено. Ама кога се вратив сфатив што треба да направам, тоа за мене беше показател да почнам да работам на усовршување.
Од каде идејата за да се сними документарен филм за твојот живот?
-Идејата беше од националната австралиска телевизија Канал7, кои дојдоа да ме снимаат за тоа како се случил патот на Елвис. Им реков дека читав македонски весник во Австралија, и таму најдов информација за фестивалот и посакав да одам. Конкурирав и ме примија на фестивалот и се така почна. Настапив на 30 годишнината од смртта на Елвис. Ми беше драго и да се слушне името Македонија таму. Јас во душа сум сентиментален и сѐ што е поврзано со Македонија сакам да го промовирам како треба. Иако ја претставував Австралија, таму бев претставен како македонскиот Елвис Присли. А на музички план добро е да се направи промена, ете како што јас од фолк преминав на рокенрол и блуз.
Како што реков австралиските медиуми се „виновници“, тие ми ја дадоа идејата да го продолжам ликот и делото на Елвис Присли. На почетокот ми беше чудно, кога непознати луге ме застануваа на улица да се сликаат со мене, бидејќи сум бил како Елвис. Оттука и почна сѐ. Ги научив неговите песни, а со нив го совладав и јазикот, односно акцентот. Јас иако 25 години живеам во Мелбурн, сепак, никогаш не ја заборавив Македонија, секое лето сум тука, а понекогаш и зиме. Така и ќе остане. Без оглед што сум толку далеку од дома, во мене сепак, грее нашето сонце
Документарецот е снимен на два континента? Како успевте во време на корона?
-Да, снимен е на локации во Стумица, Свети Николе, Скопје и Мелбурн. Ковидот малку го стопираше снимањето, но ете некако се заврши во најдобро светло. Продуцентот Дејан Милошевски аплицираше и веднаш беше прифатена идејата. На 6 вгуст во Струмица ќе биде премиерно прикажан. Зато ги поканувам сите да дојдат.
Дали со снимање на документарецот е завршена твојата мисија?
-Ова ми беше јаготка на шлагот. Секако музиката нема старост, по 30 години професионална кариера ова е заокружување. Но, здравје, секако дека имам уште планови, ама ова ми е како врв. Да сме здрави и живи и сѐ друго понатаму што ќе дојде ќе биде добредојдено.
Оваа година промовираше втор албум со песни од Елвис Присли?
-Албумот содржи осум песни, снимен е во професионално студио во Мелбурн, со многу силни продуценти. Им препорачувам на сите да го слушнат . Албумот не е снимен за пари, напротив го подарувам. Со албумот и документарецот ја завршив мојата мисија за годинава, па за од идната година здравје ќе видиме. Имам многу планови, но за тоа потоа.
Весна Миленковска