“Демонот од Дебар маало” е претставата со која штипскиот Народен театар ја заокружува првата полусезона годинава. Истата е работена по текст на Горан Стефановски, а под режисерската палка на Наташа Поплавска.
Овој текст за мене ја претставува душата на самиот автор, вели режисерката Поплавска , истакнувајќи дека задоволство било да се работи со екипата од штипскиот народен театар со која работи за прв пат.
- Исклучително убав процес имавме со целата екипа, ансамбалот е прекрасен, има талентирани актери со кои што овој театар допрва ќе расте и ќе ја освојува публиката. Ќе го помнам овој процес како мој најубав во кариерата воопшто, се надевам дека претставата ќе трае долго оти само тоа е за мене доказ дека постојам, рече Поплавска.
Пеце Ристевски, актерот кој ја толкува улогата на Коце берберот во претставата, вели дека Демонот од Дебар маало е приказна за еден обичен човек фатен во необични услови, за еден нормален човек фатен во ненормални услови. Приказна за еден бивш човек во една бивша држава, со бившо минато и бивша иднина.
- Дебар маало како такво со сите свои ликови и случувања всушност е олицетворение на било кое маало во било кој град, вели Владимир Тулиев, кој во претставата го толкува ликот на судијата.
Во претставата играат уште и Марија Минчева Андонов, Миле Вратеовски, Ефтим Трајчов Ѓаурски, Анѓелка Нешкова, Елена Шорова Дербов, Раде Рогожаров и Валентина Ѓоргиевска, како и помладите актери Стефанија Митовска и Даријан Петров.
Демонот од Дебармаало премиерно ќе биде одиграна утревечер од 20.00 часот, како четврта од седумте премиери во програмата на штипскиот Народен театар предвидени за оваа година.