Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ во Скопје се самоорганизираат и вечерва ќе се чистат улиците полни ѓубре заради, како што се наведува во партиското соопштение, неспособноста на градоначалничката Данела Арсовска и градските власти.
-Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ на општините во состав на град Скопје, гледајќи ја неспособноста на градските власти и Арсовска вечерва се самоорганизираат. Градоначалниците Тимчо Муцунски на Аеродром, Орце Ѓорѓиевски на Кисела Вода, Бобан Стефковски на Гази Баба, Александар Стојкоски на Ѓорче Петров и Дарко Костовски на Бутел ќе бидат на терен со општинските служби во чистење на Скопје, се посочува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Со цел брзо и ефикасно чистење побарана е помош од повеќе општини од внатрешноста на државата, управувани од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе испратат возила за собирање на ѓубре.
Градоначалник на Бутел, Дарко Костовски се огласи на Фејсбук.
-Поради несовесното работење на Град Скопје и ЈП Комунална Хигиена, во општината се насобра многу ѓубре на локации кои се надлежност токму на горе споменатите институции. Поради ваквата состојба, побарав помош и лично се обратив до мојот колега Марко Колев градоначалник на Општина Велес. Тој веднаш се одзва на моето барање и уште вечерва ќе испрати механизација и работна сила, која заедно со вработени од општина Бутел ќе спроведат голема акција за чистење на насобраното ѓубре.Граѓаните на општина Бутел не смеат да бидат заложници на нечие несовесно работење, напиша тој на Фејсбук.
На Фејсбук се огласи и градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски.
-Поради неодговорноста и лошото работење на градската администрација и јавното претпријатие „Комунална Хигиена“, неопходно е веднаш сами да го решаваме проблемот со натрупаниот смет во контејнерите на територијата на општина Аеродром. За нас, градоначалниците кои доаѓаме од редовите на ВМРО ДПМНЕ, најважна е грижата и здравјето на граѓаните, а меѓусебната поддршка и соработка е тоа што не прави поразлични од другите. На мое барање, Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов одобри испраќање на механизација и работници кои со поддршка на општинските капацитети, вечерва ќе спроведат акција за расчистување на натрупаниот смет од контејнерите. Благодарност до Иван и Општината Штип за поддршката и помошта. Ние, утре со своите расположливи капацитет продолжуваме да работиме на расчистување на сметот и контејнерите, напиша тој.