Пред зградата на Собранието на РСМ, активистот Суад Мисини започна штрајк со жед, поради, како што објави, нерешавањето на проблемот со фантомите, односно со луѓето без документи.
Мисини уште минатата недела се обрати до јавноста, но пред се’ до претседателот на државата, премиерот и претседателот на Собранието, да се изгласаат сите потребни закони, како што рече – апелирам на животот да му ставите македонско знаменце, со значење – веднаш!
-Доколку ова прашање не се затвори до 19.06.2023 (понеделник), истиот ден ќе започнам безусловен и неограничен штрајк со жед, кој ке трае сé до решавање на овој проблем. Или до нерешавање. А тоа, според медицинската наука трае најмногу до – 3 дена. Ако така решат најмоќните, нема да трае долго, напиша Мисини.
Мисини смета дека не постои никаква логична, прифатлива, ниту аргументирана причина зошто ова не би можело да се реши веднаш.
-Фантомите мора да ги снема од Македонија, а да се појават нормални граѓани на оваа земја, продуктивни поединци кои ќе ги уживаат правата гарантирани со Уставот и кои ке плаќаат даноци.
Цврсто сум убеден дека ова може веднаш да се реши, со грам политичка волја и свест. И не треба повеќе од една недела, бидејќи институциите со децении се бават со ова прашање, сé им е јасно, на располагање ги имаат сите решенија. Еве, 10 дена, вели Мисини.
Во Македонија постојат околу 700 луѓе без документи. Тие не можат да ги остварат основните човекови права, како право на здравствена заштита или на образование. Македонската јавност добро ги памети случаите на млади кои починаа откако не успееја да добијат здравствена заштита поради тоа што не постојат во системот.
Минатата недела беа усвоени измените на Законот за матична евиденција, со кои се овозможува упис на лицата без документи.
Сепак, според Институтот „Ромалитико“ потребна е непречена имплементација на законите, за лицата без државјанство да ги добијат своите права.
„Понатаму, за овие лица да можат да можат да добијат државјанство потребно е да имаме применливост и на измените и дополнувањата на Законот за државјанство направени во 2018 со кои измени е дадена можност државјанство да се добие со извод од матична книга на родени. Усвојувањето на закони е значаен чекор, тоа што следува е непречена имплементација“, соопштија од Ромалитико.
фото: АлсатМ