Дваесет и четири годишниот штипјанец, Христијан Николов е уште еден од многуте Македонци кои својата успешна животна приказна ја пишуваат далеку од својата земја.
Игра на судбината го одведе Николов во Италија каде во потрага за подобри услови за живот се преселил со своето семејство во 2012 година.
За себе вели дека е максимално посветен и упорен секогаш кога работи на она што го сака. И токму таквата посветеност и упорност го носи онаму каде што е денес, на самиот врв.
Имено, неодамна Николов го освои највисокото признание, односно златниот медал на меѓународниот турнир во бразилиан џиу џицу, кој се одржа во Фиренца, Италија.
Станува збор за турнир кој е од рангот на државно првенство во оваа спортска дисциплина и каде минатата година го освоил второто место, па со самото тоа годинашниов успех значи многу и е само уште едно во низата признанија за напoрната работа.
Како што вели самиот, да се постигне еден таков успех секако бара многу тренинзи и посветеност.
- Тренирам секој ден после работа по два до три часа, што секако бара одрекување од најголемиот дел од моето слободно време. Категоријата во која настапувам, -(тешка до 91,5 кг), а и самиот спорт како таков бара многу дисциплина и во однос на исхраната. Претежно се хранам со јаглехидрати особено пред настап кога треба да ја одржам мојата тежина. Но сепак како што веќе реков кога се работи нешто со толку љубов ништо не е тешко, вели Николов.
Запрашан зошто се одлучил токму за овој спорт и како започнала целата приказна , Николов вели дека тоа било ‘’ љубов на прв поглед ‘’.
- Се започна во периодот после пандемијата со Корона вирусот кога долгите неактивни часови придонесоа да се соочам со вишок килограми и тогаш одлучив дека сакам да променам нешто. Во градот каде живеам, Алба бразилскиот џиу џицу е особено развиен спорт, нешто помеѓу каратето и џудото, а со оглед на тоа што додека бев во Македонија извесен период тренирав карате, ова ми се виде како идеална боречка вештина за мене, што подоцна се покажа апсолутно точно, раскажува Николов.
Бразилски џиу џицу е спорт за кој многу малку се знае во Македонија. Станува збор за боречка вештина по многу слична на каратето и џудото, во која самоодбраната е основната цел и кауза. Бидејќи не е дел од олимписките спортови и Италијанската спортска федерација одвојува незначителни средства за развој на истиот, па така сите настапи ги финансираат самите натпреварувачи, што воопшто не ги намалува амбициите на младиот Николов за учество на што поголем број турнири и натпреварувања.
Со голема желба и мотивација веќе се подготвува за следниот настап а тоа е Европското првенство во џиу џицу кое ќе се одржи во Рим во текот на месец ноември годинава.
- Да се настапува како Македонец, да се претставува Македонија надвор од нејзините граници секогаш е огромна чест и задоволство. Тренирам напорно, до ноември имам доволно време да се подготвам максимално и да дадам се од себе за на најдобар можен начин да се претставам и себе и мојата земја во Рим. Предизвикот е уште поголем ако се знае дека станува збор за Европско првенство каде ќе треба да се сретнам со натпреварувачи од голем број земји од Стариот континент, завршува Николов.
Учеството на едно вакво натпреварување само по себе значи огромен успех за Николов кој вели дека чест и задоволство му е како Македонец да настапи на едно натпреварување од ваков ранг.