Првичната информација утрово беше дека кралот на ромската музика, Ферус Мустафов ќе биде погребан во Штип, бидејќи тоа било негова желба, да почива во градот, каде е роден.
Но, подоцна во контакт со семејството ММС доби информација дека Ферус, сепак, ќе биде погребан утре во Скопје, на гробиштата во Камник.
-Да, првично беше така, но бидејќи нему целото семејство му е во Скопје, сепак, одлучивме дедо ми да почива на гробиштата во Камник. Сите живееме во Скопје и од таа причина одлучивме вечниот дом на дедо да биде тука, поблиску до нас, изјави за ММС неговиот внук Ферчо.
Тој вели дека погребот е веќе закажан за 14 часот, бидејќи многу негови пријатели од странство се јавиле и сакале да дојдат на последното испраќање на кралот Ферус.
-Уште сме во шок, а телефоните не престануваат да ѕвонат. Тој имаше многу пријатели, кои како што слушнале за тажната вест така се јавуваат да изразат сочуство и да изразат желба да дојдат на погреб. Во моментов ниту самите ние не ги знаеме сите детали, бидејќи сакаме дедо ми да го испратиме како што доликува за голем човек. Во текот на денот ќе знаеме се. Засега се знае само дека ќе биде погребан во Камник во 14 часот, ни изјави внукот на Ферус, кој го носи негвото име.
(В.М.)