Од денеска секој кој поседува такво оружје ќе може без санкции до 8 јуни да го предаде нерегистрираното оружје во најблиската полициска станица. По двете трагедии во Србија во кои за само два дена загинаа 17 лица, главно деца и млади, државата организираше акција за предавање на нелегалното оружје.
Повикот е за секаков вид оружје, автоматско оружје како и секакви други, мини-експлозивни направи, делови од оружје и муниција што нелегално ги држат граѓаните.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во неделата изјави дека очекува одговорност од граѓаните и побара од нив да не го кријат и фрлаат оружјето, туку да го предадат на полицијата.
Студијата на швајцарски истражувачки центар во 2018 година ја стави Србија на третото место по бројот на оружје во рацете на цивилите, веднаш под САД и Јемен. Претседателот го спомена и големиот број оружје во рацете на граѓаните.
Се’ уште има пациенти во критична состојба
По пукањето во Младеновац, од деветте пациенти кои се здобија со тешки телесни повреди во масовното пукање во Младеновац, а се лекуваа во Клиничкиот центар на Србија, четворица од нив се подобро и се тргнати од апарати за дишење. Двајца пациенти се уште се во тешка состојба, едниот има сериозни повреди на црниот дроб, бубрезите и колената, додека другиот има сериозни повреди на главата и окото.
Во Ургентниот центар во Белград има и пациенти кои се здобиле со тешки повреди по пукањето што се случи во ОУ „Владислав Рибникар“, еден ученик е испратен на домашно лекување, наставничката е во подобра состојба, треба да се изврши микрохируршка операција.
Девојчето чија потколеница беше повредена во бруталниот напад денеска треба да има уште една дополнителна операција, а момчето кое се здоби со повреда во цервикалниот дел од рбетот поради која не ги чувствува екстремитетите, се уште е во најтешка состојба.