Министерот за економија, Крешник Бектеши вели дека досега до Министерството не е доставено формално барање за забрана на увозот на пченицата.
Сепак, тој посочи дека доколку пристигне и ако навистина има потреба ќе биде донесена таква одлука. Од Националната федерација на фармери (НФФ) во понеделникот побараа да се забрани увоз на пченицата за, како што рекоа, да може да се откупи домашното производство.
-До Министерството за економија до овој момент такво барање не е доставено. Во моментот кога ќе се достави, ние ќе се координираме со другите институции и ако навистина има потреба да се носи таква одлука, секако дека ќе ја носиме. Но, моментално формално барање нема доставено со факти и аргументи колку е домашното производство, колку е цената, колку може тоа негативно да влијае врз домашниот пазар или пак домашното производство, рече Бектеши.
„Ние како Министерство за економија сме надлежни да донесеме такви одлуки, но тие треба да бидат поткрепени со факти и аргументи, со образложение кое треба да биде инпут и од другите институции, а и директно од нивните организации било тоа да се на производители или на увозници кои се занимаваат со увоз на овој производ“, додаде министерот.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа дали ќе се продолжи кризната состојба во енергетскиот сектор, Бектеши информираше дека денеска ќе заседава Комисијата и посочи дека ќе постапат според нивните препораки.
-Денеска Комисијата заседава и до крајот на денот ќе ги добиеме препораките од страна на Комисијата која е формирана претходната година согласно Законот за енергетика. Во моментот кога ќе ги имам препораките ќе ја информирам јавноста, рече Бектеши.