ММС, 29.06.2018
Битката на Брегалница што почнала во ноќта помеѓу 29 и 30 јуни 1913 година, била најжестоката во Втората балканска војна, во неа загинале и многумина Македонци мобилизирани во туѓи армии, често војувајќи во различни униформи брат против брат, другар против другар, но залудно – војната завршила со поделба на Македонија
Пишува: Љупчо Шатевски
Повеќе од 300.000 војници, од едната страна српската армија, потпомогната од црногорската, а од другата бугарската армија, учествувале во Брегалничката, најкрвавата битка во Втората балканска војна, позната и како меѓусојузничка, која и почнала со Битката на Брегалница во ноќта помеѓу 29 и 30 јуни во 1913 година. Во тие неколку седмици, колку што траела битката, загинале, биле ранети и исчезнати околу 50.000 војници, од нив многумина и Македонци мобилизирани во некоја од завојуваните армии. Ако во Првата балканска војна (1912 година) многумина Македонци и комитски чети учествувале доброволно во битките за ослободување од Отоманската Империја заедно со балканските сојузници, во Втората балканска војна, која завршила со Букурешкиот договор со кој била поделена Македонија, мобилизацијата на Македонците главно била присилна од страна на армиите довчерашни сојузници, кои во 1913 завојувале меѓу себе за освојување и распределба на нови територии.
Брзата и длабока река кинела човечки синџири
Битката на Брегалница почнала во 2 часот наутро на 30 јуни 1913, кога бугарската војска ја нападнала српската кај Штип, а еден час подоцна и кај Злетовска Река, притока на Брегалница. Србите успеале да закрепнат од првиот удар во жестоката битка, а потоа преминале во противнапад. Деноноќно се воделе жестоки битки.
Исклучително жестока и крвава била битката кај Говедар на Осоговските Планини, месност меѓу Македонска Каменица и селата Цера и Дулица, од 4 до 6 јули. Од едната страна биле српската и црногорската војска, од другата бугарската. Се користеле топови, пушки, а многу често и бајонети и ножеви за судирите гради в гради. Многумина војници загинале и давејќи се во тогаш надојдените води на Брегалница од поројните дождови. При јуришите или при повлекувањето морало да се преминува матната и крвава река. За полесно да ја преминат, војниците меѓусебно се фаќале за раце во низа, правејќи човечки синџири, кои најчесто брзата и длабока вода ги кинела, па војниците масовно се давеле.
По таа битка, фронтовската линија се стабилизирала. Дејствата во Македонија во Втората балканска војна се претвориле во исцрпувачка рововска војна што траела до крајот на јули, кога било потпишано примирје. На 10 август во 1913 година бил потпишан и Букурешкиот мировен договор, со кој, покрај другите одредби, Македонија била поделена. Освен што со балканските војни не се оствариле идеалите на Македонците за слобода и за своја држава, тие оставиле и пустош на овие простори. Истоштеното население, кое од војските било користено и за присилно копање војнички ровови, одвај ги преживеало следните години зашто останало без храна, бидејќи армиите му го зеле сето жито и сиот добиток. Бројот на жителите во многу населени места бил десеткуван.
Десеткувани села, а Штип од 21.000 опаднал на 8.000 жители
Почнале да се појавуваат болести и епидемии, од кои посебно тешка била „брегалничката епидемија“ на колера, која беснеела по Брегалничката битка, епидемија од која починале околу 5.000 луѓе. Во нејзиниот шпиц само во Штип дневно умирале по 50-60 цивили и војници. Додека имало штици се правеле сандаци, а потоа мртвите биле погребувани без сандаци. Од 21.000 жители, колку што градот имал кон крајот на 19. век, поради воените дејства, болестите, епидемиите и иселувањето, Штип кон крајот на 1913 останал само со 8.000 жители.
– Илјадници Македонци биле изманипулирани или присилно мобилизирани до завојуваните балкански армии. Често во различни униформи се бореле еден против друг брат со брат, татко со син, другар со другар. Има многу примери, кога еден Македонец бил жртва на две мобилизации – бугарска, српска, некогаш и грчка. Регистрирани се и повеќе случаи на братимење на единици од завојуваните српска и бугарска војска, кога војниците ќе забележеле дека речиси сите од двете страни се Македонци – вели Емилија Коруновска, историчарка во штипскиот Завод и Музеј.
Изворни сведоштва за крвавите битки
Во Музејот се чуваат и повеќе изворни сведоштва и сеќавања од учесници во битките и нивни потомци. Едно од нив е и тоа на штипјанецот Тодор Манев, кој како дете бил сведок на Брегалничката битка кај Штип, а раскажува како ранетите војници од двете армии често биле оставани на исто место без храна, вода и било каква грижа.
„На Пребег и Мерите затишјето од бројните рикотници го сечат офкањата на страдалниците на кои никој од нивните не им приоѓа. Нашите баби, по нив и нашите мајки, а по нив и децата, разбудени уште од полноќ од топотот на војничките чизми под нашите прозори, со бардаци и ѓумови за вода, преминавме преку новоселскиот мост во клисурата, која е заштитена од сите страни од куршуми. Им даваме вода на ранетите. – Вода, брате! – моли Србинот. – Вода, братко! – жедно крај него очекува Бугаринот. Кајсиите кај Новакова Чешма беа родиле како никогаш дотогаш, па нив на ранетите им ги дававме како понада за освежување“, пишува во сведоштвото на Манев.
По балканските војни биле направени повеќе споменици и костурници на загинатите војници, но најчесто биле уривани за време на окупациите. Ако биле изградени од Србите ги уривале Бугарите и обратно. Пред три години, на 102-годишнината од Битката на Брегалница, во месноста Каленица на периферијата на Штип, на местото каде што во Кралството Југославија била направена спомен-костурница на 6.000 загинати војници, која во фашистичката окупација била урната, беше поставена спомен-плоча по претходно дадена согласност од Советот на Општината Штип. Иницијатор беше Здружението за заштита и зачувување на српските споменици во Македонија, од кое истакнаа дека во Битката на Брегалница од строј биле исфрлени 16.200 војници во српски униформи од кои 9.000 загинале, а новоподигната спомен-плоча сакаат да потсетува на жртвите од сите страни во Втората балканска војна.
Во осоговското село Цера, пак, на 12 километри од Македонска Каменица се` уште во подрумот на училиштето стои спомен-костурницата на неколку илјади војници загинати во Брегалничката битка кај месноста Говедар.
– Училиштето и спомен-костурницата биле завршени во 1937 година по тригодишна макотрпна работа. Ангарија работеле жители на девет села од околината, а градежниот материјал се носел на раменици – раскажуваат повозрасни жители на Цера.
Во три мермерни саркофази се зачувани коските на неколку илјади загинати војници во таа битка, меѓу кои сигурно се и на многумина Македонци во 1913 година облечени во туѓи униформи.
МАКЕДОНСКИ БРАТСКИ КРИК ВО БИТКАТА КАЈ ГОВЕДАР
Жителите на Цера се` уште ја кажуваат приказната за браќата од нивниот крај што загинале во битката на Говедар во ноќта меѓу 4 и 5 јули во 1913 година.
– По силната артилериска канонада таа ноќ, двете војски со пушките, бајонетите и ножевите повеќепати се пресметале гради в гради. При еден таков јуриш загинале двајцата браќа, едниот мобилизиран од бугарската, другиот од српската армија. Кога во ноќта едниот брат го препознал крикот на брата си, смртно погоден од неговиот куршум, веднаш се самоубил – раскажуваат церани.
Слична судбина имале и многумина други, како дедовците на пред неколку години починатиот Душко Медарски од Штип, кој ја опишал нивната приказна. Едниот бил мобилизиран во српската, другиот во бугарската војска. Во жестока битка на единици од двете армии кај Штип, едниот од браќата загинал. Другиот на боиштето го видел неговото мртво тело. Успеал да ја напушти својата единица и некако да го закопа на самото место. По неколку седмици, со својата мајка пак дошол на местото. Го откопале и потоа го однеле и го закопале на гробиштата.