Македонскиот фолклор е едно од главните обележја на нашата традиција, се пренесува од колено на колено и живее и денес.
Младиот Бобан Анакиев од Кочани е вистински пример за тоа дека и во денешно време постојат млади луѓе кои ја продлжуваат фолклорната традицијата.
Бобан има 22 години, а веќе е докажан мајстор и во свирење на традиционални народни инструменти, но и во нивна изработка.
ММС го посети Бобан во неговата работилница, каде ги изработува народните инструменти и ни ја раскажа неговата приказна. Ни откри дека фолклорот е дел од неговата семејна традиција, ни и негова љубов кон народната музика и инструменти.
-Во моето семејство дедо ми и прадедо ми свиреле на народни инструменти, а мене лично желбата ми се роди кога се зачленив во фолклорниот анасамбл „Мугри“, кој работи во состав на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани. Кога имав 16 години почнав да членувам во овој ансамбл со намера да бидам играорец, но раководителот ми рече дека штом знам да играм сигурно ќе научам и да свирам. И така најпрво почнав да свирам на сворче. Многумина и не знаат дека сворче е дувачки инструмент сличен на кавалот, само што дувањето е различно. Кавалот се свири странично, а сворчето исправено и има писка за разлика од кавалот кој е празен. Потоа си купив свој кавал и почнав да учам да свирам на него и добро го усовршив. Од кавалот се префрлив на кемене со што ми се роди желба сам да си направам ваков инструмент, вели Бобан.
Обработката на дрво не била негова непознаница. И предходно имал некое искуство со обработка на дрво и изработка на дрвени предмети за домаќинство, дрвени лажици, бркалки.. Токму од тука почнало и искуството за изработка на инструменти.
-Имав останато парче дрво кое беше мало и почнав да го правам моето прво кемене. Во ансамблот членуваа и повозрасни свирачи кои сами изработуваа инструменти, а едн од нив е и Моне Димитров од Оризари. Токму моето прво кемене го однесов кај него за да види дали е добро изработено и дали нешто недостасува. Со негова помош истото го доработивме, но на него не можеше да се свири бидејќи беше помало од нормалната димензија. Ова беше само еден поттик повеќеи следниот чекор беше набавка на материјал за ново кемене, за чија изработка мајстор Моне ми даде шаблони по кои треба да го работам. На првото кемене кое го изработив свирам и денес, ни раскажа Бобан.
Неговата желба за изработка на инструменти, секако, не застанала тука. Следно било изработка на тамбура, секако повторно со помошта на мајстор Моне.
-Тоа се два ралзични инструменти, Кеменето е гудачки инструмент и се свири со гудало, а тамбурата жичен и се свири со трзалица. Но, откако научив да свирам на овие инструменти ми се јави желбата да ја научам и гајдата, па најпрво си купив гајдарка, а потоа и цела гајда. И научив да свирам и гајда поради голема желба и љубов кон овој инструмен. Омилен ми е, а е најтежок за музицирање. Одев и сеуште одам кај постари гајдаџии во Кочани и околината, учам од нив вештини во свирењето, а воедно и заборавени народни песни ни кажа тој.
Иницирани од изработката на кеменето и тамбурата некои од неговите колеги побарале да им изработи и на нив инструменти. И така започнало се. -Направив неколку инструменти, си купив неколку машини, бургии и дребунг на кои се изработуваат гајдите. Почнав сам да штавам кожи, да се распрашувам кај постарите мајстори, но ниеден од нив не ја откри тајната на изработката на една гајда. Одејќи од еден на друг по нивното кажување, од еден научив едно, од друг друго, па почнав да го склопувам мозаикот и ја научив технологијата за изработка на гајди. Моментално сум најмлад изработувач на традиционални народни инструменти во Македонија.
Нему тие што го подучувале не му ја откриле до крај тајната на изработка на некои инструменти, но Бобан има желба неговото знаење да го пренесе на помладите за да продолжи традиција. Со таа цел и го оформиле изворниот оркестар „Осоговски извор“, во кој ги им сите инструменти: гајда, тамбура, кемене, кавал и тапан.
-Сите сме млади и сме студенти на Музичка академија. Со нашиот оркестар настапуваме на многу фолклорни фестивали, но и на свадбени веселби, бидејќи младите парови почнаа да бараат дел од свадбата да биде со традиционална музика и народни инструменти. Ова посебно не радува бидејќи нашиот фолклор е многу богат и е дел од традиицјата во чие одржување ние даваме свој придонес. Иаме снимано и цеде со неколку песни од осоговијата препеани од познатата вокална група во Кочани „Браќа Стојанови“. Нашиот репертоар е составен исклучиво од песни од кочанскиот и осоговскиот крај, а со цел да го збогатиме почнав со собирање на народни песни. Правам записи од нив со помош на постари луѓе кои ги посетувам и кои ми ги пренесуваат истите, додава тој.
Иако се мисли дека народните инструменти се старомодни и дека во наплив на трндовска музика интересот за оваа мал, сепак, Бобан го тврди токму спротивното.
-Моите инструменти најмногу ги има во музичките училишта каде има отсек за народни инструменти. Ги бараат од многу фолклорни анасамбли, можат да се најдат во некои музички продавници и продавници за сувенири. Ме изненадува тоа што многу странци ќе порачаат да им изработам инструмент од мерак не да свират туку едноставно да го имаат дома, вели Бобан.
Бобан е еден од ретјите млади во државата, кој својата иднина не ја гледа надвор од државата. Вели дека во иднина се гледа како вокален инструменталист овде во Македонија.
-Студент сум на музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на отсекот за етно корелогија и етно музикологија, кој опфаќа изучување на македонските народни ора, народните инструменти, песни. Неколку години учествувам на фестивалот „Пеце Атанасовски“ во Долнени и минатата година ја добив првата наградата „Гајдата на Пеце Атанасовски“, во конкуренција од околу 300 учесници.Посебно сум горд на оваа награда која е уште поголема мотивација за мене како млад човек да работам, да се надградувам и уште повеќе да дадам придонес во одржувањето на традицијата за негување на нашиот фолклор. Овде сум и тука планирам да работам, немам намера да заминам никаде, порача тој на крајот.
Снежана Иванова