Љубезноста има моќ да создаде заедница, поддршка и надеж. Да правите добро е добро за вас. Љубезноста може да го засили вашето ментално здравје, но не заборавајте да сте љубезни и кон себе. Ова се дел од пораките кои ги испраќа Фондацијата за ментално здравје по повод Неделата за зголемување на свеста за менталното здравје која светот ја одбележува од денеска до сабота. Во период кога коронавирусот ја става на тест човековата издржливост, а отстапувањето од вообичаените активности создава стрес, од есенцијално значење е да се има оптимизам и доколку се почувствува потреба да се побара психолошка помош – сугерираат познавачите.
А каква е поврзаноста меѓу излегувањето од комфор зоната и менталното здравје, што да се направи за да се намали стресот и чувството на отуѓеност што ни го наметна пандемијата, колку социјалните медиуми влијаат врз самодовербата, но и како актуелната состојба се одразува врз онколошките пациенти и што тие преземаат за да се справат полесно со неа се само дел од прашањата кои за mms.mk се обиде да ги одговори психологот, Александра Стефановска од Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје.
Како една ваква вонредна состојба како што е актуелната и во која мора да отстапиме од „нормалното“ може да се одрази врз ментално здравје на луѓето?
Бидејќи новата ситуација е невообичаена и отстапува од „нормалното“ значи дека ќе следи таква реакција. Како таква се одразува и од самиот нејзин почеток, а голема е и веројатноста да има последици и по нејзиното завршување каде што ќе се привикнуваме на нова нормалност со нови правила. Како психолози сведоци сме на различни реакции кои новата ситуација со пандемијата ги предизвика меѓу луѓето. Сосема очекувано е да се чувствуваме исплашено, збунето, тажно, вознемирено бидејќи преку ноќ се менува начинот на кој треба да функционираме во секојдневниот живот, односно преку ноќ сме принудени да преминеме во mindset на преживување. Сосема очекувани се реакциите на загриженост за себе и своето здравје како и за здравјето на своите најблиски, загриженост за финансиската сигурност, социјалното повлекување, чувство на осаменост, неприфаќање, гледајќи ја ситуацијата како ограниченост, неможност за остварување на некои свои планови. Секако дека засилени ќе бидат симптомите кај оние лица со постоечки психолошки потешкотии.
Какви емоции создава чувството на оттуѓеност од најблиските и што да направат луѓето за да го намалат стресот, односно да си помогнат на себе?
Кај луѓето може да се појават разни чувства и реакции – од неприфаќање, лутина, вознемиреност, тага, жалење кон поранешниот начин на живот, губење на чувство на контрола врз својот живот, фрустрираност поради спреченоста да планираме нешто, живеење од ден за ден, соочување со предизвикот да бидеме на само со себеси. Може да си помогнеме себеси така што би си го организирале денот со активности кои може да ги извршуваме во домот и на некој начин да си создадеме свој распоред кој би ни овозможил да го задржиме она чувство на контрола, да бидеме присутни „сега и овде“ за време на извршувањето на активностите. Правење нешто за другите ни овозможува да се чувствуваме добро и корисно. Доколку се појави интензивна состојба на вознемиреност, страв, паника пожелно е луѓето да се обратат за стручна психолошка помош (голем број на психолози и психотерапевти имаат доставено телефонски линии за бесплатна психолошка помош). Се препорачува водење грижа за својот внатрешен свет, забележување на своите емоции, обрнување на внимание на однесувањето кое произлегува од нив, одржување на контакт со своето тело, одржување на физичка активност, придржувањето до здрави навики на исхрана и спиење. Изнаоѓање на техники за релаксација. Одржување на контактите со нашите најблиски преку социјалните мрежи. Присетување на некои наши вештини кои сме ги користеле во надминување на стресни ситуации во минатото.
Какво е влијанието на состојбата со коронавирусот врз онколошките пациенти, за кои стресот поради канцерот, и онака е голем?
Бидејќи пандемијата со вирусот е нешто ново, непознато за нас и секојдневно променлива состојба потребно ни е време да се прилагодиме, па затоа е сосема очекувано да се почувствуваат загрижено, исплашено, вознемирено, нервозно, беспомошно. Кога стравот преминува во преголема загриженост таа нѐ прави дисфункционални. Можни се и потешкотии во оддржувањето на концентрација, задржување на внимание, потешкотии во запамтувањето. Како и промени во сонот и апетитот. Некои од нив може ќе забележат забрзано срцебиење, потење на дланките, забрзано дишење и така натаму. Онколошките пациенти се ризична група и е од есенцијално значење да бидат проактивни во одржување на своето ментално и физичко здравје особено во период кога може да биде загрозен нивниот имунитет, бидејки телото и умот се во постојана интеракција.
Ако препишаната терапија од онкологот е лек за телото, тогаш и грижата за своето менталното здравје, психолошката поддршка од стручно лице може да нѐ научи како да се грижиме за себеси и да се гледа како лек за душата. Постојат многу студии кои потврдуваат за значајниот ефект кој го има психолошката поддршка за време на третманот на карциномот и како таа влијае во подобрување на квалитетот и продолжување на животниот век. Исто така од голема важност во грижата за онколошките пациенти е тоа што од страна на Клиниката има отворена телефонска линија секој работен ден од 10 до 12 часот на која пациентите може да се консултираат со нивниот онколог.
Вие сте дел од психолошкиот тим кој работи на Клиниката за онкологија во Скопје. Како функционирате во овој период? Дали фреквенцијата на посетеност во вашата канцеларија е променета, со оглед на тоа дека сега движењето на Клиниката е поограничено?
Следејќи ги светските практики, за првпат на Клиниката за радиотерапија и онкологија е отворен психолошки кабинет под менторство на претседателката на Комора на психолози- психолог и психотерапевт, Мирјана Јовановска Стојановска. Овој кабинет е отворен благодарение на соработката со Министерството за здравство, активизмот од страна на ФБ групата Љубов сме/ Jemi dashuri и секако директорот на Клиниката д-р Нино Васев. Пандемијата на коронавирусот влијаеше во намалување на бројот на посети во кабинетот. Но со цел да одговориме на потребите на онколошките пациенти како ризична група, кабинетот обезбеди неколку телефонски линии за бесплатна психолошка поддршка на овие пациенти. Времето кога сме достапни е така организирано да го покрие целиот ден. Досега колешките и јас имаме остварено голем број на повици во кои сме укажале психолошка поддршка и советување не само на пациентите туку и на нивните семејства.
Покрај бесплатните телефонските линии за психолошка поддршка, секоја среда во 18 часот во соработка со Комората на психолози, психотерапевтот Мирјана Јовановска Стојановска организира група за психолошка поддршка наменета за онколошки пациенти на која може да се вклучите преку Zoom апликација. И секако тука е ФБ групата Љубов сме/Jemi Dashuri која ја препорачувам за сите онколошки пациенти и членовите на нивните семејства доколку имаат потреба од размена на практични информации и искуства во врска со болеста како и поддршката која може да ја добијат од некого кој минува низ иста или слична ситуација.