Како еден родител да си помогне во ваков случај и дали иако се работи за новороденче тоа може да почувствува одредена тензија?
-Во постпородилниот период, многу е значајна поддршката и помошта од најблиските, како и поширокото семејство и заедницата, но исто така и помошта и поддршката од професионалците за ментално здравје. Доколку симптомите на депресија го нарушуваат функционирањето во секојдневието на индивидуата или партнерите, и траат повеќе од две недели, потребно е да се побара професионална помош и поддршка, за надминување на ваквата состојба. Психоемотивната состојба на родителите, може да се одрази на квалитетот на грижата кон новороденчето и поради тоа потребно е родителите да покажат грижа и кон себе си, во овој специфичен и чувствителен период. Така, освен што грижата за себе ќе им помогне да се чувствуваат подобро, ќе бидат и поподготвени во одговарањето на потребите на новороденчето (љубов, внимание, исхрана, сон, нега итн).
Како партнерите да си помогнат еден на друг кога ќе добијат дете, а се под стрес, со цел да не се изгубат во новонастанатиот аспект на својата врска каде веќе не се само брачни другари, туку и нечии родители?
Партнерите тоа можат да го направат најмногу преку меѓусебна поддршка, искрена комуникација, распределба на обврските и поддршка од околината да одговорат на новите промени. Дали ќе дојде до криза или до зацврстување на партнерските односи, многу зависи и од тоа како партнерите претходно ја граделе врската, врз кои вредности и начини на пружање и љубов и грижа, и секако, како се подготвувале за родителството. Сите овие нешта се база врз која партнерите ја градат својата врска и во рамки на новата животна улога – како родители. Родителите не престануваат да бидат партнери кога ќе станат родители и потребно е заенички да пристапат во одоговорностите кои ги имаат, освен како родители, и како партнери. Секако, љубовта, вниманието, подршката, искреноста и отворената комуникација за сите задоволства, предизвици и непријатности кои ги носи овој период, се основа за сето тоа.
Вања Мицевска