Во најновото издание на поткастот „Да не се лажеме со Хаџи Јанев“ гостуваше д-р Трајче Стојанов, професор по етика и филозофија на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Овојпат за тема на дискусија се постави странското влијание во Македонија, дали информациите пласирани во јавниот простор се реални и каков е моралот во политиката, а се говореше и за причините и појавите на дезинформациите.
Според Стојанов, денеска во земјава имаме криза на вредности, која пред сѐ е предизвикана од надворешни влијанија и дезинформации.
- Македонските културни и историски вредности постојат и пред создавањето на Европската Унија. Јас повеќе се чувствувам дома во Станбул отколку во Брисел. Нашите граѓани повеќе се чувствуваат Словени и православни отколку Германци и протестанти! Современата Европа ги заборава државите со долгите традиции на историја и култура, а тоа најчесто го прави со однапред подготвена пропаганда. Зарем Турција не е дел од Европа со своето богато минато, а веќе децении чекат пред вратите за членство во ЕУ?, вели Стојанов.
Тој истакна дека вредностите на САД сè повеќе доминираат во Европа, но и дека стануваат природно прифатливи како единствен шаблон по кој треба да се движиме и функционираме, заборавајќи дека и тие имаат своја агенда и интереси за нивна имплементација на оваа европска територија.
- САД се единствените коишто имаат убиено претседател и двајца борци за човекови права, а од тоа направија легенда и никој за зло не им го зема тоа. Токму од ваквиот пристап на суптилност и пропаганда треба да учат останатите супер сили, бидејќи со ваков наратив се неутрализираат лошите потези од минатото и историјата. Сепак, не треба да заборавиме дека ваквата пропаганда е смислена со цел и причина. Токму поради ваквата политика, треба да знаеме дека постојат алтернативи и други цивилизации и држави со позитивен пример за економски раст и развој. Ова го велам бидејќи за првпат оваа западна културна парадигма е предизвикана од надворешен „непријател“, па затоа и се поставува прашањето дали ќе го издржи овој цикслус на технолошки и економист развој, имајќи в предвид дека речи цела Европа е во рецесија. Искрено, се плашам од ваквата ситуација, бидејќи моделот на Кина станува толку супериорен што сериозно ја предизвикува оваа цивилизација којашто е во длабока вредносна криза“, алармира професор Стојанов.
Целото интервју со проф. д-р Трајче Стојанов емитувано на „Јутјуб“ профилот на Канал 77 може да го проследите денес со почеток од 18 часот.