Што покажува Вашето искуство, дали и какво влијание има зачестеното користење технологија од страна на децата врз нивната способност писмено да се изразат?
-За потребите на многу симпозимуми и семинари, вклучувајќи го и мината година Симпозиумот на логопедите на ниво на Балканските држави сум вршела повеќе тестирања и проценка на зрелост на ракописите со соодветни тестови и сум дошла до заклучок дека многу е застапена формата на Графомоторна дисграфија, дијагностицирана и дефинирана како облик од проф. д-р Светомир Бојанин. Во оваа дисграфија, семантички и содржински постојат сите графеми за сите фонеми, но ракописот не е читлив. Се забележува губење на линеацијата во косина и излегување од редот при пишување на речениците. Едни букви за задебелени, а едни едвај се гледаат. Некаде од притискање има и продупчување на листот. Едни букви поголеми, други помали во еден збор или реченица. Едни закосени на лево, едни на десно. Ова е последица на несозреана фина моторика на прстите и дланките.
Несозреаната фина моторика е резултат на многу малку манипулативни активности со рацете и мускулатурата останува непрецизна и несозреана. Еден од факторите за несозреана фина моторика е и токму предолгото седење со часови и денови пред телефоните и компјутерите.
Како се одразува актуелниот, онлајн начин на изведување на наставата поради кој децата трошат значително повеќе време пред технолошките средства за комуникација? Дали ова се одразува на нивната креативност во однос на изразувањето?
-Како опција во оваа глобална пандемија, онлајн наставата беше неминовна и потребна. За талентирани и надарени деца како опција е добра, тие се надградуваат. Но секако треба да се води грижа за физичката активност на децата и прошетки. Добро е што учениците до трето одделение се со физичко присуство. Онлајн наставата за децата со потешкотии бара многу повеќе следење и заедничка работа со родителите и соработка со стручните лица во училиштата, но сето ова мислам дека во најголем дел функционира.
Кој е Вашиот совет до родителите, како да му помогнат на детето полесно да ги изрази своите мисли и емоции при пишување? Дали се препорачуваат некои диктати во домашни услови, почесто читање или можеби некоја друга активност надвор од образовниот процес?
Препорачувам читање приказни од страна на родителите пред спиење и во текот на денот. Тивка и релаксирачка семејна атмосфера, како и разговор на многу теми. Се препорачуваат и заеднички прошетки. Да напоменам дека корисно е и тоа што има многу голем избор на дидактички материјал во книжарниците, како сложувалки, боенки и слично. Активности кои би можеле да бидат од полза се и редењето ситни коцки и нижењето ситни форми.
Вања Мицевска