Одењето за Италија било на трошок на родителите, иако како што вели Колевска, имале одредено олеснување благодарение на стипендирањето на Клара и на уште од девојчињата.
Мајката на Клара пак, Мери Бојаџиева појаснува дека нејзината ќерка добила 50 отсто стипендирање, а стипендијата за другото девојче била целосна.
„Ние си го доплативме тоа што требаше. Летот до таму и назад го плативме сами и само од една штипска конфекција направија дуксови за децата и за Елизабет“, вели Мери.
Нема „не можам“ кога е во прашање она што вистински се сака од срце
За афинитетите на нејзината ќерка кон балетската уметност зборува со гордост, бидејќи како што посочува, Клара никогаш не помислила да се откаже од својата пасија.
„На балет ја запишавме во 2015 година, кога Клара имаше пет и пол години. Јас тогаш некако слушнав дека во Штип има часови по класичен балет, па ѝ спомнав да ја запишеме. Идејата ми беше да има некаква физичка активност за добро држење на телото. Таа пројави желба и почна. Никогаш не рече не сакам, тешко ми е. Оди со задоволство веќе седум години“, додава Мери.
Таа и нејзиниот сопруг веќе размислуваат Клара да ја запишат во Средното музичко и балетско училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, иако таа е седмо одделение. Малата балерина во меѓувреме, вели дека сѐ уште е рано да размислува дали би сакала балетот да биде нејзина професија кога ќе порасне, но сепак нема намера да се откаже. Токму поради тоа, таа обожава да оди на настани поврзани со овој тип уметност и да биде во публика кога на сцена се искусните и професионални балерини.
„Сум била во Македонската опера и балет со мајка ми и татко ми, навистина многу ми се допадна. Многу е интересно, еднаш и со наставничката Елизабет бевме повеќе деца на претстава“, посочува тинејџерката.
Балетот како важна активност за детскиот раст и развој
Според нејзината мајка, расте бројот на деца кои одат на балет и смета дека тоа е многу интересна и корисна физичка активност. Ја прашавме и Колевска од стручен аспект, како оваа активност влијае врз здравјето на младите.
„Класичниот балет сам по себе си бара одредена дисциплина, придонесува за растот и развојот на децата во однос на нивната координација, музикалност, еластичност и така натаму. Но исто така гради едни здрави, упорни млади личности кои понатаму ќе развијат кај себе многу позитивни карактеристики кои ќе бидат важни за нив во која било сфера“, ни изјави Елизабет.
Таа и нејзините колешки од Арабеск се од Скопје и веќе со години континуирано патуваат до Штип за да работат со децата од овој град, кои негуваат љубов кон балетот. Ковид пандемијата со сите рестрикции кои дојдоа „рак под рака“ со неа, несомнено се одрази врз нивната работа, но таа вели дека по периодот на стагнација сега повторно расте интересот.
Класичниот балет не им е хоби само на децата, па на часови во посебна група одат и возрасните. Со ова, инструкторите по танц и ним им овозможуваат да ги реализираат своите соништа од детството, а тие со нив труд пак, покажуваат дека никогаш не е доцна да се започне со она по кое имаме копнеж.
Вања Мицевска
*Фотографиите се објавени со дозвола на родителите