Што е тоа што е подобро во другите држави, како таму е законски подобро регулирана оваа професија?
-Ние немаме контрола на терен кој што работи. Ова е нешто што се случува во светот, нашите колеги си одат од Македонија и некои од нив одат во околните држави, не одат многу далеку бидејќи во нашето опкружување Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија имаат можност да формираат свои сопствени ординации за физиотерапија. Значи ние во Македонија произведуваме физиотерапевти и им ги пуштаме на соседните земји да ги лекуваат нивните граѓани, а за нашите не се грижиме. Тоа е суштинскиот проблем.
Таму си постојат правила како тоа функционира, кој може да отвори ординација за физикална терапија, кои се условите за да биде формирана и тоа треба само да се преземе како пример за во Македонија. Можеби постарите генерации се заглавени во нашиот посттранзициски систем, но луѓето од помладата генерација кои завршиле сега факултет не сакаат да си го губат времето и гледаат побргу да се реализираат како физиотерапевти. Кариерата се гради додека си млад, за да може подоцна да ги уживаш бенефитите од неа.
Според Државната статистика, во 2020 година дипломирале 78 , а во 2021 година 109 физиотерапевти, дали тоа значи дека професијата станува сѐ поатрактивна за младите?
-Во Македонија постојат повеќе факултети за физиотерапија па проблемот сѐ повеќе ќе се наталожува бидејќи кога ќе се зголеми бројот на физиотерапевти тие ќе бараат да се реализираат. Не може да бидат употребувани само за да заработат факултетите пари од нив, од нивната едукација. Тие истите инвестираат во себе за да се реализираат и еден ден ќе мора здравствените власти да почнат да размислуваат за нас.
Во 2018-та година испративте барање за до МЗ, дали оттогаш се реализираше некаква средба за да ја образложите потребата од законско решение, имаа ли здравствените власти некаков слух?
-До ден денес не сме испратиле допис, испративме барање за средба тогаш и добивме само еднаш одговор. После тоа се променија работите, ние не сме приоритет за да преговараме или разговараме, па потоа имавме пандемија и веќе не сме поднеле барање, но тоа не значи дека не постоиме.
Генерално кои се најчестите здравствени проблеми поради кои луѓето се обраќаат за помош кај физиотерапевт?
-Најчесто луѓето се обраќаат за мускулно-скелетни заболувања. Тогаш се брза да се најде физиотерапевт, инаку физиотерапијата ги следи сите медицински гранки и во секој процес има потреба од рехабилитација и во секоја фаза таа е различна. Физиотерапијата треба да е достапна од гинекологија до геријатрија, нема дел од медицината каде што таа не е потребна.
Вие како Здружение на кој начин ги мобилизирате физиотерапевтите, како споделувате знаења и искуства?
-Редовно одржуваме настани, но од 2020 до 2022 немавме можност да организираме настани. Сепак Здружението си работеше, во 2020 со поддршка од Светската конфедерација за физикална терапија направивме, прв официјален превод на протокол за ваква терапија кај ковид пациенти. Во 2021 направивме едукација за ковид рехабилитација и постковид рехабилитација. Во 2022 одржавме три настани, односно курсеви за три различни техники на барање на нашите членови. Се обидуваме да донесеме техники кои во Македонија ги нема или не се доволно развиени. За 2023 веќе се организираат курсеви, имаме закажни неколку настани за првата половина од оваа година.
Вања Мицевска