Ти и самиот си растен само со едниот родител, па врз основа на своето животно искуство може ли да ни кажеш со што се соочуваат вие деца во македонското општество? Дали според тебе, треба да се направат некои измени во легислативата за да се подобри нивната позиција?
-Јас од самото мое раѓање сум со мојата мајка која е самохрана мајка и низ животното искуство и невладиниот сектор успеав да дојдам до повеќе контакти и видов дека има одредени пропусти кај нас каде што системот затајува. Тие пропусти не се решаваат, а требало да се решат години наназад. Овие проблеми се случуваат со недефинирањето на еднородителските семејства, тоа е доста огромен проблем и пропуст на институциите во кои некогаш се случува судир на мислења од социјални работници, психолози, правници и семејнолози бидејќи не е точно дефинирано во законот иако и за тоа неколку пати имавме барање, но тоа остана така.
Законски измени се потребни затоа што најчесто не се исплаќа алиментацијата, а родителското право стои кога некое дете или некој студент ќе аплицира по извод во матична книга се гледа дека има двајца родители, но не се зема предвид фактичката ситуација. Најчесто едниот родител се води како невработен и не исплаќа алиментација или се доцни и тоа е финансиски терет.
Зошто се одлучи да студираш во Белград, сметаш ли дека преку изборот за студирање меѓународни односи ќе можеш и на професионален план да ја продолжиш борбата која ја водиш преку граѓанскиот активизам?
-Јас студирам во Белград, мојот татко е Србин и имам српско државјанство. За овие студии добив целосна стипендија со целосно покривање на моето студирање бидејќи навистина е голем трошок да се студира. Јас не остварував право на семејна пензија од мојот татко поради недостиг на години во работен стаж, но тоа што имав српско државјанство ми беше големо олеснување. Сепак не застанав со мојата борба и продолжувам и понатаму по овој пат.
Можам да најавам дека по нашата претставка до Народен правобранител сме поканети на средба во Влада за да се види како да се реши овој проблем. Тоа е чекор напред бидејќи постојат четири правни механизми преку кои ова може да се реши, ама некаде застанува проблемот.
Пред сѐ може да се реши преку предлог на Национален совет до Влада, така е и дефинирано во член 128 од Законот за високо образование. Секој граѓанин на нашата Република може да даде иницијатива до Влада, потоа МОН и МТСП можат да испратат предлог до Влада, а четвртиот начин или механизам е преку Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за високо образование во Собрание. Не се одлучивме за последната опција бидејќи тешко и долго би одело изгласувањето на законот, но ако не успееме и на овој начин ќе одиме преку клубот на младински пратеници за да се измени овој закон.
Како се гледаш во иднина по дипломирањето?
-Се гледам во борбата за човекови права бидејќи јас сум и млад европски амбасадор преку програмата на ЕУ – Млад европски амбасадор за Западен Балкан од Северна Македонија и се гледам како активист за човекови права. Понатаму на секој можен начин сакам да придонесам за подобрување на условите на самохраните и еднородителските семејства, а потоа и на различни категории граѓани кои активно ги бараат правата н некаде нашиот систем не дава позитивни резултати.
Од мал растеш само со мајка ти – колку беше тешко еден сам родител да расте дете, дали истрајноста и амбициозноста се вредности кои ги научи токму од неа?
-Пред сѐ, да бидете самохрана мајка пред 20 години и сега не е исто бидејќи има некои позитивни промени кон гледањето на овие личности. Пред 20 години кога била самохрана мајка не беше толку актуелна темата. Постоеја одредени олеснувања, но не беа како што имаме денес. Јас бев запознаен кои се проблемите на самохраните родители, тоа се најосновните потреби некогаш, плаќање на градинка, училиште…тогаш немаш поддршка од социјалните работници, а тоа влијае и на менталното здравје. Но, тоа ми беше мотивација да не застанам и да се борам со моите врсници за нашите права.
Разменувате ли искуства, идеи и предлози со другите млади од самохрани и еднородителски семејства за подобрување на состојбите? Каква порака би испратил до своите врсници?
-Да напоменам дека младите секојдневно ми пишуваат за нивните секојдневни проблеми и предизвици, па би сакал да им порачам – нека не се откажуваат! Во секој момент да нѐ побараат нас, активистите. Различни фактори може да се делуваат врз нив како личности, но мило ќе ми биде да има повеќе млади кои ќе се вклучуваат во различни активности со цел да добијат подобар статус во општеството.
Ние постојано комуницираме, си даваме предлози. Тие не се доволно информирани за жалби и приговори, некои сме и од мали градови, не сме економски независни и поради тоа, сами мораме да се изградиме за да успееме.