„Во 21 век, живееме без вода – како да не постоиме“, велат револтираните жители на селото Смилковци, кое се наоѓа во непосредна близина на македонската престолнина. Последниве денови тие се соочуваат со сериозен проблем – повеќедневни прекини на водоснабдувањето, без никаква најава или објаснување од надлежните.
Во јавен апел до институциите и медиумите, жителите предупредуваат дека немаат основни услови за живот.
„Не можеме да се измиеме, да зготвиме, да напоиме дете, да ја одржуваме хигиената. Ни се ускратува едно од најосновните човекови права – пристап до чиста вода“, стои во пораката.
Тие нагласуваат дека се чувствуваат игнорирано и оставено од институциите.
„Се изживуваат врз нас, како да не сме дел од ова општество. Сме на само неколку километри од Скопје, но изгледа сме далеку од грижата на надлежните.“
Граѓаните бараат итна интервенција од Општина Гази Баба, ЈП Водовод и Канализација, како и од Министерството за животна средина и просторно планирање, укажувајќи дека станува збор за уставно загарантирано право – чиста вода.
Тие ја повикуваат јавноста да ја чуе нивната мака и медиумите да помогнат гласот од Смилковци да стигне до тие што треба да одговорат.
„Се надеваме дека оваа порака конечно ќе биде слушната. Сочувствувајте со нас – утре можеби вие ќе бидете во нашата кожа“, завршуваат жителите.