Словенечката претприемачка и ентузијаст за велосипедизам Маја Овен, која е и потпретседател на Велосипедското здружение Рог, неодамна на Фејсбук го сподели своето искуство од нејзиниот одмор на Хвар, кој привлече внимание и во Словенија и во Хрватска,пренесува индекс.хр.
Нејзиниот статус, во кој ги споменува неверојатно високите цени на пијалоците и храната, заедно со фотографија од празна тераса на ресторан во Хвар во ударниот термин за вечера, беше објавен од словенечките медиуми.
„Хвар денес во 18:30 часот. Нема гужви во баровите како што обично е во ова време од годината. Не се сеќавам дека некогаш сме платиле 8,5 евра за пиво“, напиша Овен во понеделник на социјалните мрежи со фотографија од празна тераса на ресторан.
Таа, исто така, наведе конкретни цени од менито. „Шпагети болоњезе во една од 45-те таверни во градот – 29 евра! Дневна супа 11 евра! Десерт 12 евра“, се вели во нејзината објава.
Таа додава дека тоа „не ѝ изгледа нормално“, забележувајќи дека „насекаде бараат готовина, а обично не добивате сметка“. На крајот, таа рече: „Ако веќе сте биле на Хвар, не морате ниту оваа година. Ако не сте, почекајте околу една година додека не се вратат во нормала“.