- Не може претставници од опа цупа креирани невладини организации да разговараат со мене на било каков начин и да се повикуваат во мое име или во име на граѓанскиот сектор во државава, рече во денешното издание на емисијата Стадион, директорот на Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојески.
Тензичност и напнатост во штипското студио на Канал 77, особено по телефонското вклучување на Маја Атанасова од Мрежа за заштита од дискриминација, од каде јавно побараа Богојески да се смени од позицијата директор. Како основен аргумент на нивното барање го истакнаа непочитувањето на европските вредности и особено ширењето говор на омраза на социјалните мрежи од страна на актуелниот директор на агенцијата.
На што Богојески на неколку наврати одговори дека веќе постои постапка и се надева дека МВР ќе ги открие основачите на лажни профили со негово име кои шират секакви дезинформации, но и ја обвини Атанасова дека таквите како нејзе директно ја попречуваат борбата со криминалот и корупцијата во земјава.
Нагласи дека нема да дозволат да биде како до сега и дека секој со главата во криминал ќе одговара и ќе биде изнесен пред лицето на правдата.
- Нема да дозволиме да се штити криминалот ниту да се попречиваат истрагите, порача Богојески, истакнувајќи дека токму оние кои себе си се прокламираат како најголеми европејци се во суштина најголемите криминалци.
Директорот на агенцијата за европски образовни програми и мобилност во текот на емисијата зборуваше и за тоа дека веќе подолго време го напаѓа терористичка ќелија во Македонија, како и дека се креираат лажни профили со пари од европските фондови за ширење на антимакедонска пропаганда.
Прашан за коментар околу брзата промена на вработените во агенцијата по неговото стапување на функцијата директор, Богојески дециден, дека не може поранешен советник на Заев да биде негов близок соработник, како и дека во агенцијата има место за лојални и лица од доверба.
Богојески во Стадион зборуваше и за релацијата со претходната власт, нападите кон него лично, македонското прашање со Бугарија како и кампањите и донесувањето на законот за работа на агенцијата која ја води.
Целосното издание гледајте го на линкот во продолжение: