Во 2004 година, УЕФА ја воведе програмата „Хет-трик“ која вклучува поддршка на фудбалската инфраструктура како што се национални стадиони, тренинг центри и терени, или имплементација на низа стандарди и иницијативи на УЕФА: ненаместени натпревари, тренерство, лиценцирање на клубови, развој на елитни млади играчи, фудбал на локално и женски терен, добро управување, судење и општествена одговорност.
УЕФА реши да додели средства за реконструкција и на македонските стадиони и тоа во Штип, Охрид и Кичево.
Но, она што се јавува како проблем е изработката на овие стадиони каде одамна се пробиени сите рокови.
Конкретно авансот за стадионот во Штип е исплатен уште во 2021 година, но до овој момент реконструкцијата ни одблизу не е завршена.
Финалниот рок за завршување на сите работи и технички прием на западната трибина на стадионот во Штип е 31.07.2025 година. После тој рок, доколку не се исполнат барањата, ФФМ ќе презеде мерки и легитимни чекори согласно законот. Сите активности се во соработка со УЕФА.
Според информациите од ФФМ, досега за стадионот во Штип се потрошени близу 2,3 милиони евра, а фирмата која работи на реконструкцијата е ДЕКОН. Општините имаат договор со ФФМ во однос на делови кои што треба да ги добие инвеститорот, во случајов ФФМ, како земјиште и комуналии и на крај Федерацијата го отстапува стадионот на општината како можност за стопанисување.
Засега останува непознато поради која причина настанала оваа ситуација.
Во однос на тоа како моментално изгледа стадионот во Штип, она што го затекнавме на 10 мај е загрижувачко.
Уништена фасада поради протекување на атмосферска вода, недовршени тоалети, лоша изведба на влезните врати, лажно запишана опрема за греење и ладење, непостоечка автоматска дојава на пожар иако истата е запишана дека е изведена, незавршени молерофарбарските работи, како и кородирање на челичната конструкција поради лоша обработка.
Од Општина Штип пак велат дека се додека не завршат градежните активности што ги спроведува Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на една од трибините на Градскиот стадион во Штип, не може да започне изградбата на втората трибина.
„По 31 јули, кога се очекува да бидат констатирани моменталните изведби на теренот, ФФМ ќе излезе на увид за финална потврда на завршената фаза. Во моментот кога ќе биде целосно реализирана првата трибина, Општина Штип ќе ја преземе обврската за втората трибина и навремено ќе ја информира јавноста за сите тековни и планирани активности“, велат од Општина Штип.
Претходно, претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ ги информираше членовите на Управниот одбор за текот на градежните работи на стадионите во Штип, Охрид и Кичево, сите од програмата „Хет-трик“ на УЕФА.
Со моменталното темпо на работа на стадионот во Штип, најверојатно и овој рок ќе биде пробиен за што ќе бидат преземени мерки согласно законот.
К.Т.