10.516.138 денари изнесува вкупниот долг на кочанските училишта кон КЈП Водовод.
Најголем должник е ОУ „Никола Карев“ со 5.631.534 денари. На второ место е средното „Гошо Викентиев“ со 1.851.584, на трето место е гимназијата „Љупчо Сантов“ со 1.265.163 денари, по кое следува ОУ “Раде Кратовче“ со 950.838 и ОУ „Св. Кирил и Методиј“ со 817.019 денари, објави денеска општина Кочани.

- Ова се милионски долгови коишто се толерирани долго време. Срамно е КЈП „Водовод“ да ги дава на извршител граѓаните со долг од по 3-4 илјади денари, а да не постапува соодветно кон правните субјекти што се должници. Одредени службени лица не ги подмирувале своите обврски спрема КЈП Водовод Кочани користејќи ја својата политичка моќ, а средствата од дотациите кои се за оваа намена ги искористиле за други нефункционални цели. Наредниов период ќе излеземе со целосен список на сите должници кон „Водовод“. Целта е сите пари да се приберат за да се направи функционално кочанското комунално претпријатие, затоа што токму ненаплатените приходи го довеле до загуба и блокада, вели в. д. градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски.
Според неофицијалните податоци, финансиската дупка во КЈП Водовод изнесува над 4 милиони евра и со тоа сериозно е загрозена работата и опстанокот на кочанското комунално претпријатие.
Засега ниту едно од училиштата должници, ниту поранешните директори на КЈП Водовод не излегоа со став по објавата на податоците од страна на општината.