Денес, во кабинетот на Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, гостин беше највозрасниот бербер во општината. Градоначалникот, со доделување на плакета, го уважи неуморниот 60 годишен труд и успешна работа на Цане Стојменовски.
Цане Стојменовски има 80 години и сè уште работи во својот берберски дуќан којшто веќе со години се наоѓа во населеното место Марино. Остра ножица и топло срце, што не кратат само коса, туку времиња, генерации и приказни.
Градоначалникот Георгиевски истакна дека е особено важно да им се даде признание на сите граѓани што со години придонесуваат во одржување на занаетчиството во општината, а како најдобар пример за тоа го истакна токму овој највозрасен занаетчија во берберството.