Дарко Стојанов е првиот пациент кој се врати од лекување од Белград, кој беше повреден во трагедијата во Кочани. Тој вчера беше пречекан од министерот за здравство Арбен Таравари, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и директорот на ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје, Андон Чибишев.
Дарко утрово се обрати на социјалните мрежи со благодарност до лекарите кои го спасиле неговиот живот, како и до сите кои што му давале поддршка во овој тежок период на закрепнување. Тој вели дека неговата здравствена состојба е добра и стабилна и оти сега ќе следува малку подолг процес на опоравување, додека да бидат санирани сите последици.
-Драги пријатели, познаници и непознаници. Мили мои ученици премногу ми недостасувате, но ќе се видиме наскоро. Мој македонски народе ви благодарам за солидарноста, емпатијата и храброста која ја добивам. Со оваа објава пред се сакам јавно да се заблагодарам за личната поддршка која ја добив од огромен дел од вас. Мојата здравствена состојба е добра и стабилна, а сега следува малку подолг процес на опоравување, додека да бидат санирани сите последици, но ќе бидам добро. Физичките рани и лузните на телото ќе останат, но веќе нема да крварат и нема да болат. Благодарение на Бога јас бев еден од посреќните кој што се спаси таа траорна ноќ. Но, огромен дел за жал ја немаа таа среќа. Болката да се изгуби некој во тој пекол ја почувствував и јас. Тоа е рана која никогаш нема да зарасне. Раната на душата кој ќе крвари во мене до крајот на мојот живот, напиша тој и додаде:
-Благодарам на сите институции кои беа вклучени во организирањето и реализацијата за лечење во Србија и останатите земји. Доколку не се случеше тоа, не знам дали сега ќе го пишував ова. Благодарение на целиот медицински персонал во нашата држава, бидејќи тоа се вистинските херои. Се надевам дека што поскоро ќе го сфатиме тоа како држава и дека тие ќе бидат наградени соодветно за се што прават. Се надевам дека овие херои што побрзо ќе добијат се што заслужуваат. Дишам благодарение на брзата реакција на медицинскиот персонал во КАРИЛ. Не постојат зборови со кои можам да се заблагодарам на целиот персонал од Klinički centar Srbije. Моите деца сеуште имаат татко благодарение на докторите, и неверојатните медицински сестри и техничари од клиниката. Тоа беа моите ангели чувари. Благодрам српски народе! Посакувам што побрзо закрепнуваење на сите кои се повредени и што побрзо да ги гушнат своите сакани. И се надевам дека оваа траорна трагедија ќе не обедини како народ и ќе ни ги отвори очите како луѓе. Гушнете ги најблиските, фамилијата, пријателите, кажете им дека ги сакате. Никогаш не можете да знаете кога е тоа за последен пат, напиша Дарко.