Јован Костадинов, момчето-херој од Виница, кое спаси 21 дете во пожарот во Кочани, конечно си дојде дома.
Тој е пуштен од болница и денес, како што доликува беше пречекан во неговото школо, гимназијата „Ванчо Прке“ од Виница.
На прашањето „Јован, како си?“, тој скромно одговори „ Добро, се оправив“ и замина накај другарите, кои со транспаренти, аплауз, гушкање и бакнување го чекаа во школскиот двор.
За херојството на Јован кажа среќна мајка, чиј син го спасил токму тој.
-Со голема благодарност и емотивна почит, би сакал да го споделам херојскиот чин на Јован Костадинов од Виница, кој не само што ги спаси животите на 21 деца во трагичната несреќа во ноќниот клуб во Кочани, туку го спаси и мојот син. Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и во страв, Јован се појави како светлина на надеж. Без да размислува, го зеде мојот син кој беше под рушевините на дискотеката и го носеше на својот грб низ огнот и чадот, се до болницата во Кочани, со цел да го спаси, додека сите наоколу бегаа и се бореа за својот живот. Јован е вистински херој – младо момче со големо срце и неописива храброст, кој го ризикуваше својат живот за да спаси туѓи животи. Јован на тебе ти го должам новото утре, новата насмевка, новата надеж и новиот живот на мојот син. За тебе нема зборови кои можат да го искажат моето благодарност и почит. Благодарност од дното на срцето. Ти ми го даде најголемиот подарок што може да го добие една мајка, го спаси животот на моето дете. Ти ќе останеш засекогаш во моите молитви и во нашите срца, напиша пред неколку дена на Фејсбук, Јадранка Брешлиева.
Грѓаните сплотени на социјалните мрежи го опишуваат херојството на Јован и бараат д биде награден.
-Да му бидат подмирени трошоците за школување каде сака, е само дел од барањето за ова храбро дете.
Веста дека Јован е отпуштен од болница и се враќа дома ја сподели и министерот Таравари:
-Денеска, со длабока емоција и бескрајна гордост, ви ја споделувам веста дека Јован Костадинов, храбриот млад човек кој спаси 21 живот во трагедијата со пожарот во Кочани, конечно се врати дома. Постојат моменти кога зборовите не се доволни, а ова е еден од нив. Како да се опише душа толку храбра и несебична, која во мигови на паника и опасност не помисли на себе, туку само на другите? Јован, кој има само 19 години, постапил како вистински херој. Влегувал повторно и повторно, не еднаш, не двапати, туку повеќе од 20 пати, за да помогне на оние што биле заробени во пламените. Го ризикуваше сопствениот живот за да спаси други. Неговото тело ги носи лузните од неговото јунаштво, но неговото срце носи нешто далеку поголемо: почитта, восхитот и љубовта на цела нација, напиша Таравари и додаде:

-Јован не е само херој на Кочани. Тој е херој на целата наша држава. Симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот. Потсетник за сите нас колку многу може да направи еден човек со големо срце. Добредојде дома, Јован. Твојата приказна ќе живее вечно, во животите што ги спаси, во семејствата што повторно се заедно и во срцата на секој граѓанин што сега го знае твоето име. Во име на сите граѓани, јас ќе кажам едно нешто, јасно и гласно: Никогаш нема да заборавиме, рече министерот.