Луѓе од Штип, Кочани, Делчево и Скопје утрово со комбиња пристигнаа во Софија, одговорија на апелот на бугарската болница „Пирогов“ за дрување крв. Со нив заедно се и Македонци, кои живеат, работат или студираат во Бугарија, но и Бугари, сите со една цел, да се помогне на настраданите во пожарот во Кочани, кои се пренесени на лекување во Бугарија.

Македонскиот лекар д-р Даниел Кировски, кој работи во Бугарија и е дел од тимот во „Пирогов“ ни испрати фотографии од долгата редица на хумани луѓе кои сакаат да даруват крв.

-По вчерашниот апел утрово пристигнаа над 50 луѓе од Македонија и заедно со другите Македонци и Бугари од овде, веќе ја надминуваат бројката од над 200 крводарувачи. Односно само во „Пирогов“ има над 200, а најмалку уште толку во Националниот центарот за транфузиологија и хематологија. Низ ходниците на болницата е голема гужва, па од тие причини дел се препратени во Центарот за трансфузиологија, за да може побрзо да оди работата. На Македонците кои дојдоа утрово од Црвениот крст им се дава предност за побрзо да оди работата, вели д-р Кировски за ММС и додава:

-Најмногу потреба имаше од крвата група АБ+ и поголем дел Македонци кои утрово дојдоа се со оваа крва група, но има и од други.
Меѓу Македонците, кои по апелот се упатија за Софија е и Тони Стаменковски од Делчево, кој, како што вели, кога прочитал за апелот веднаш ги повикал граѓаните да се пријават.

-Ние сме четворица од Делчево, двајца се со нулта позитив и негатив и двајца со АБ позитив. Сми се организравме кога прочитавме дека има апел од болницата. Апелиравме и други да се јават на повикот за дарување крв, но за жал, многу од нив испаднаа силни само на тастатура, само на Фејсбук. Многу сум разочаран поради ова, па ова се наши деца и треба да помогнеме. Но, кога дојдовме во Софија видовме дека има од други градови, вели Тони и додава:

-Кога дојдовме овде беше невидена гужва за дарување крв. Тука се сретнавме и со осуммина од Штип, кои се дојдени уште од вчера ама поради големата гужва не успеале да даруваат крв, па се очекува денес да дојдат на ред, зедно со нас. Овде сретнав и луѓе од Тетово и Скопје, но и многу Македонци кои живеат во Бугарија. Секако има и Бугари од различни грдови. Сите сме заедно, чекаме ред и се надевме дека ќе помогнеме, дека се ќе биде во ред со нашите деца, рече за ММС Стаменковски, кој ни испрти фотографии од состојбата во Националниот цетара за трансфузиологија и хематологија во Софија.
В.Миленковска