На предлог на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, Советот на Општина Струмица со мнозинство гласови ги разреши сите членови на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, кој досега го сочинуваа претседателот Александар Цицимов и членовите Ванчо Ристов Патриков, Ѓорѓи Пелтековски, Хризантема Рендевска, Александар Ненчев, Панче Беџовски, Катерина Милушева, Елена Достинова и Васил Крстев.
Иницијативата на Костадинов за разрешување дојде на 1 овој месец, на денот на одржувањето на Глaвната карневалска вечер. Како што наведе струмичкиот градоначалник немал дилеми тоа да го соопшти токму тогаш, на денот на главната карневалска вечер, за да било јасно и прецизно тоа што многу сериозно го говорел. Според него, карневалот е составен дел на како што напиша тогаш „нашиот идентитет и никој ама баш никој нема право да го чепка, разурнува или да прави груби обиди за партизација“.
На денешната седница, исто така, по предлог на Костадинов Советот донесе одлука досегашниот претседател, Александар Цицимов да остане почесен претседател, а другите членови почесни членови на новиот организациски одбор на карневалот со исклучок на членовите од Советот на општината.
Новиот одбор на Струмичкиот карневал ќе се бира на јавен повик, а за структурата и бројот на членовите ќе се отвори поширока дебата.