Премиерот на Онтарио, Даг Форд изјави дека во понеделник ќе започне наплата од 25 отсто за извозот на електрична енергија во три американски држави, предупредувајќи дека целосно ќе ја исклучи струјата доколку САД воведат нови царини за канадски стоки.
„Ако САД ескалира (тарифите), нема да се двоумам целосно да ја исклучам струјата“, изјави Форд.
Како што пренесе Си-Ен-Ен, тој вели дека „не сака да го направи тоа“.
„Се чувствувам ужасно за американскиот народ, бидејќи не беше тој кој ја започна оваа трговска војна. Има едно лице кое е одговорно. Тоа е претседателот (Доналд) Трамп“, рече Форд.
Тој додаде дека доплатата од 25 проценти на постојната цена на струјата што Канада ја извезува во Соединетите Држави „ќе ги чини семејствата и претпријатијата“ во Њујорк, Минесота и Мичиген, а „ќе ги зголеми сметките на вредните Американци за околу 100 долари месечно“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека царините за Канада и Мексико би можеле да се зголемат за 25 отсто доколку тие земји не ги исполнат своите ветувања дека ќе помогнат да се намали количината на фентанил што влегува од нив во САД.