Лажни се дојавите за бомби во училиштата во државата, работната група одржува состанок, насоките ќе стигнат до институциите, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски во Велес, одговарајќи на новинарски прашања по доделувањето станови на социјално ранливите семејства во општина Велес. Во изјава за медиумите, премиерот рече дека вакви закани имало и во Хрватска и Унгарија.
-Јас постојано бев во контакт со министерот за внатрешни работи, ме брифираше и конечно имам пресек, досега сите без исклучок се лажни дојави. Тие се тие напади хибридни напади коишто ќе се случуваат, не е нешто неочекувано ќе треба да се подготвиме. Постапено е според протоколот ваков тип на напади имаше пред некој ден и во Хрватска претходно во институциите во Унгарија и претпоставувам дека ова ќе биде ќе биде континуитет кај нас, но мислам дека се креира еден протокол, изјави премиерот.
Тој инфорираше дека работната група одржува состанок и дека до крајот на денот ќе стигнат насоките до училиштата и до припадниците на МВР.
– Работната група се состанува односно работи на изготвување на протокол и денеска до крајот на денот ќе стигнат насоките и до училиштата, но и до директорите но и до припадниците на Министерството за внатрешни работи што треба да се направи за да имаме непречено одвивање на наставата во овие објекти, изјави премиерот.
Претходно, и министерката за образование и наука Весна Јаневска, на прес-конференција рече дека дојавите за бомби во училиштата се лажни, за што потврдиле и проверките на МВР.
На прес-конференција претпладнево, таа соопшти дека утрово МОН формиралo меѓуресорска група за поефикасно справување со ситуацијата откако во повеќе основни и средни училишта денеска имало дојави за поставени експлозивни направи. Се заблагодари на МВР за брзата реакција и истакна дека жали што некој „вака си поигрува со децата“. Ги повика раководствата на училиштата дојавите да ги пријавуваат во МВР и да ги следат протоколите на полицијата. Апелираше до наставниците и директорите на училиштата за комуникација да ги користат исклучиво службените електронски адреси креирани од МОН.
Министерството за внатрешни работи утрово соопшти дека неговите надлежни служби преземаат сеопфатни плански мерки и активности по пристигнатите пријави за наводно поставени бомби утрово во училишта низ државава. -Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по мноштвото пристигнати пријави за наводно подметнати експлозивни направи во повеќе основни и средни училишта на речиси цела територија на државата, надлежните служби на министерството преземаат сеопфатни плански мерки и активности согласно внатрешните процедури за постапување во случај на терористичко загрозување, информира МВР.
Напоредно со ова, наведува Министерството, се врши и проценка на степенот на загрозувањето во меѓусебна координација на безбедносно-разузнавачките служби, преку формиран оперативен штаб во рамки на Министерството.