Комисијата за социјална политика, демографија и млади засега нема претседател откако Собранието ја констатираше оставката на Илире Даути од функцијата, поднесена по изгласувањето на нејзината интерпелација минатиот петок, затоа што одбиваше да го стави на дневен ред законот за бранителите. Од пратеничката група на „Вреди“ оставката ја оценија како признавање на слабост и глумење жртва, но дека тоа „не може да ја спаси од каењето по обидот да помогне во блокирањето на законот за бранителите“.
Пратеничката Илире Даути од Алијанса за Албанците на Зијадин Села, која е дел од „Европскиот фронт“, по речиси еднонеделниот вакуум дали ќе остане или ќе биде сменета од функцијата и бројни меѓусебни препукувања откако во Собранието минатиот петок помина нејзината интерпелација, вчера поднесе неотповиклива оставка.
Сега пратениците ќе треба да изберат нов претседател на собраниската Комисија за труд, социјална политика и млади, место кое му припаѓа на „Европскиот фронт“, од каде по констатирањето на оставката порачаа дека за многу кратко време ќе заземат став како ќе делуваат во однос на ова прашање.
Образложувајќи ја оставката, Даути посочи дека тоа е врв на срамот што се случил во Собранието и порача дека нејзиното дејствие за ставање на Законот за бранители е врз основа на членот 3 и оти нема да прифати различни услови на дејствување надвор од Деловникот.
- Зошто Апасиев и останатите пратеници од Левица во врска со Законот за бранители, не побараа точката да се стави на дневен ред? Јас ќе ја додадов точката на дневен ред, но се поставува прашањето зошто пратениците тоа не го побараа. Рокот за ставање на точката на дневен ред помина и мене не ми дозволуваше Деловникот да ја додадам таа точка. Овие 61 пратеници си играат „мејтап“ со власта. За мене услов е да се почитуваат сите националности, рече Даути.
Левица ја поздрави оставката на Даути и оценија дека ова е прва успешна интерпелација во историјата на Собранието.
- Самата интерпелација значеше дека се обезбедени гласови за нејзино разрешување од страна на пленумот, но ние намерно не покренавме веднаш постапка преку Комисијата за избори и именување за нејзино разрешување, туку витешки оставивме неколку дена сама да се повлече и да си даде оставка, што на крај се случи. Ова е прва ваква успешна интерпелација од ваков тип во историјата на Собранието на Република Македонија. Левица и понатаму останува на браникот на државните интереси, уставноста и законитоста, изјави пратеникот на Левица, Сашко Јанчев.
МИА