Кочанчани не се откажуваат во својата намера и планираат до крај да се изборат за своето здравје. Откако претходните денови се депонираше ѓубре од соседните општини и покрај едногласната одлука на Советот на општина Кочани дека на градската депонија не смее да се исфрла ѓубрето од другите општини, граѓаните решија да одржат протест кој ќе се одржи денес од 13 до 15 часот со блокирање на сообраќајот кај кружниот тек кај ООУ “Кирил и Методиј”.
Граѓанската активистка Благица Сабовљевиќ Стоименова вели дека на прекинатиот совет минатата недела бил избегнат одговорот за тоа кој ја дал дозволата за депонирање на отпадот од другите општини и покрај одлуката на Советот на општина Кочани.
„Седницата беше изрежирана, одговорот не добивме и сега сме приморани повторно да реагираме. Донесената одлука на советниците не се почитува и затоа денеска ќе организираме мирен протест без да ја нарушиме атмосферата во градот пред новогодишните празници. Нападнати сме дури и политички поради ова, но ние продолжуваме и не се откажуваме. Прашината која настана самите Кочанчани ќе ја избришат и ќе се изборат за почиста околина“, рече таа.
Пред самиот протест, Општина Кочани излезе со соопштение во кое тврдат дека останува нивната заложба за реализација на проектот за воспоставување регионален систем за управување со депониите во Источниот Плански Регион, со крајна цел – изградба на депонија во Свети Николе, а со тоа и конечно затворање на депонијата во Кочани.
– Формирано е Надзорно тело за вршење мониторинг и давање поддршка при реализација на Програмата за јавна чистота и третман на отпад; преземени се чекори за утврдување надомест за одлагањето на отпадот од соседните општини, Упатено е барање до Министерството за животна средина за финансиска поддршка во одржувањето на депонијата, со избор на економски оператор и поддршка со механизација, во тек е јавна набавка од страна на Општина Кочани за избор на економски оператор за редовно одржување на депонијата, воспоставена е интензивна соработка со МВР. КЈП „Водовод“ добива континуирана поддршка во контролирањето на пристапот до депонијата и се преземаат активности против лица кои изминатата седмица неовластено влегуваа во Градската депонија, во согласност со европскиот проект, Министерството за животна средина поднесе урбанистичко-проектна документација за издавање одобрение за затворање на Градската депонија во Кочани, стои во соопштението, во кое понатаму се додава:
-Покрај тоа, со поставената стражарска служба и со видеонадзорот се врши континуирана контрола на возилата и на начинот на кој се депонира отпадот на Градската депонија. Со механизација на операторот за одржување на Градската депонија и со механизацијата со која располага КЈП „Водовод“, се врши редовен дотур на земја која правилно се распоредува по површината на депонијата со што се создаваат услови за примање на новопристигнатиот отпад. Сите овие аргументи, заедно со претходно извршениот природен третман на депонијата против запалување, се основа за водење на активностите во правец на реализација на крајните цели на проектот за воспоставување отпад – затворање на депонијата во Кочани и изградба на регионална депонија во Мечкувеци“, стои во нивното соопштение.
ФОТО: Општина Кочани
Кристијан Трајчов