Доминик Пелико (72) претпладнето е осуден на максимална казна од 20 години во масовното судење што ја потресе Франција и го шокираше светот. Пелико ја дрогирал својата поранешна сопруга Жизел и регрутирал непознати да ја силуваат со години.Со казна затвор завршија и други 50 мажи, кои се осудени за силување или обид за силување.
Додека се читаа пресудите, Доминик Пелико се стутка на столот и почна да плаче.
Во судницата се и неговата поранешна сопруга и жртва Жизел и нивните возрасни деца, кои според репортерите, останаа разочарани од висината на пресудите.
Обвинителите инсистираа на максимална казна од 20 години за Доминик Пелико кој пак побара од неговото семејство „да го прифати неговото извинување“.
Доминик Пелико сведочеше за време на судењето во Авињон дека и мешал седативи во храната и пијалокот на Жизел Пелико за да може да ја силува и дека регрутирал најмалку 50 други мажи преку форум за разговор преку Интернет и ги поканил во семејната куќа каде што се тврди дека ја силувале и сексуално злоставувале Жизел Пелико. Доминик пред судот призна дека е виновен за обвинувањата и дека неговите сообвинети разбрале што прават, објави Асошиетед прес.
Наводното злоставување се случувало речиси една деценија во нивниот дом во Прованса, од 2011 до 2020 година. Жизел по откривањето на скандалот, се разведе од сопругот.
Доминик Пелико собрал и 20.000 фотографии и видеа и ги чувал доказите, кои подоцна им помогнаа на обвинителите да ги изведат пред правдата дурите 50 обвинети, „иако околу 20 други сè уште не се идентификувани“, објави АП.
Судењето започна на 2 септември. Сослушувањата се одржуваа речиси три месеци и вклучуваа сведочење од самата Жизел, која стана феминистичка икона во Франција и во светот.
Таа одби да остане анонимна, велејќи пред судот во еден момент за време на рочиштата дека сака жените кои биле силувани да знаат дека „не треба да се срамиме да кажеме – тие треба да се срамат“.
Фото: Принтскрин