Шест илјади француски полицајци и жандарми ќе бидат распоредени за обезбедување на церемонијата на повторно отворање на катедралата Нотр Дам во Париз, соопштија локалните власти.
На церемонијата ќе присуствуваат 50 шефови на држави и влади.
Префектот на париската полиција Лоран Нуњез на прес-конференција рече дека во сабота и недела ќе бидат мобилизирани „6.000 луѓе (полицајци, жандарми)“, како за церемонијата на отворање на Олимписките игри на крајот на јули.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го посети Париз в сабота за да учествува на церемонијата на отворање на обновената катедрала Нотр Дам, уништена од голем пожар пред пет години. Тоа ќе биде и негово прво патување во странство по победата на изборите за Белата куќа.
Републиканецот, кој победи на гласањето на 5 ноември и се очекува да ја преземе функцијата на 20 јануари, ја пофали владата на францускиот претседател Емануел Макрон во објава на социјалните мрежи.
„Претседателот Макрон направи прекрасна работа осигурувајќи се дека Нотр Дам ќе го врати својот целосен сјај, ако не и поголем. Тоа ќе биде многу посебен ден за сите!“
Благодарение на големите реновирања, катедралата од 12 век беше целосно обновена. МИА