Туристичките аранжмани за новогодишните празници се едно од најочекуваните и најпопуларни периоди за патување, со оглед на богатството на понуди и дестинации кои ги привлекуваат граѓаните на оваа земја. Во пресрет на празниците, агенциите нудат широк спектар на пакети кои опфаќаат како домашни, така и меѓународни дестинации.
ММС контактираше неколку туристички агенции за да дознаеме што вклучува аранжманот, но и кои се најпосакуваните дестинации за дочек на Новата година.
Според нив, најчесто овие аранжмани вклучуваат комбинирани понуди кои опфаќаат превоз, сместување, организирани оброци и специјални забавни програми, како што се новогодишни вечери, концерти, и настапи на познати музички групи. За граѓаните на Македонија, најпопуларни се патувањата во соседните земји како Србија, Црна Гора, Турција, и Грција.
Елизабета Кочева Јосифовска од туристичката агенција ЈК Травел вели дека најголем интерес веќе неколку години по ред има за Истанбул, патување од четири дена каде Нова Година се дочекува со прослава на брод на Босфорот.
„Патувањата во странство за Нова Година е најчесто на дестинации каде прославите се на плоштад или на брод како што е случајот со Истанбул. Оваа година за нашите клиенти ја имаме и прекрасната Атина, секогаш се бараат Будва, Тиват бидејќи најчесто на прославите овде пеат ѕвезди како Здравко Чолиќ, Лепа Брена, Цена и други. Искрено, за Македонија последните две години имаме побарувачка за прослава во Битола, односно вечер заедно со Кабарето во Голд Фелиција каде имаме пакет со ноќевање“, рече Елизабета.
Таа додаде дека во зависност од дестинацијата зависи и цената на самите аранжмани.
„Патување за Нова Година во Будва чини 109 евра по лице, Истанбул со две ноќевања, автобуски превоз е 129 евра по лице, дочекот на Нова Година во Атина е 189 евра по лице, каде се вклучени три ноќевања со појадок, автобуски превоз како и разгледување на градот“, кажа Кочева Јосифовска.
Особено интересни овој период за македонските туристи се оние места каде што има Божиќни маркети.
„Виена, Прага, Будимпешта, Кавала се дестинации кои веќе се распродадени за овој период, поточно за осми декември. Патувањата за Нова Година веќе неколку години се во подем, луѓето сакаат да посетуваат нови места, најлудата ноќ во годината да ја дочекаат на интересна дестинација, да се забавуваат. И младите и повозрасните се заинтересирани за ваквите аранжмани, не постои одредена група која покажува особен интерес“, објасни таа.
Во разговор со штипска туристичка агенција, ни рекоа дека имаат понуди за Будва и Херцег Нови.
„Аранжманите во Црна Гора се интересни за туристите поради забавите каде настапуваат ѕвезди како Дино Мерлин, Цеца, сите балкански изведувачи. Будва чини 129 евра од лице со три ноќевања, а Херцег Нови е 119 евра со две ноќевања. За понудата во Будва има превоз, ноќевање, како и посета на Дубровник и Котор. За Нова Година од новогодишни аранжмани имаме само за Црна Гора“, велат од агенцијата.
Во агенциите во Скопје пак има многу повеќе понуди.
„Во моментов за Нова Година имаме четири авиони. Атина како таква секогаш си влече интерес затоа за таму имаме три понуди, со две, три и четири ноќевања и се поволни бидејќи се аранжмани со автобуси. За три ноќевања, поточно пет дена Атина чини 189 евра по лице и во цената е вклучен превозот, сместувањето со појадок, како и организирани разгледи и посети. Кај авионските аранжмани од 25 до 30 луѓе се во една група, не се како автобуските аранжмани. Интерес има и за Букурешт. Тиват оваа година е атрактивен поради гостите кои ќе бидат присутни таму и цената е 179 евра по лице. На пример првата вечер ќе биде Здравко Чолиќ, па таквите понуди веќе се пополнуваат“, објаснуваат од скопската агенција.
Од агенцијата велат и дека најголем проблем за нив е што луѓето предолго чекаат за да си закажат аранжман, а тоа создава проблем за нив.
„Голем проблем за нас е фактот што нашиот народ чека „5 до 12“ за да си ги резервираат аранжманите, но тоа е, навикнати сме веќе. За сите новогодишни аранжмани годинава над 300 луѓе веќе си го резервираа своето место кај нас. Горе-доле, секоја година имаме ист број на туристи кога станува збор за овој аранжман. Ова покажува дека македонските туристи обожаваат да ја прослават Нова Година на некое место кое ќе го паметат“, потенцираат тие.
Од агенциите ни рекоа дека имаат и аранжани за тие со подлабок џеб, а за нив веќе се резервирани градовите како Дубари, Виена, Рим и други интересни дестинации. Цената, секако се разликува од тоа колку дена трае патувањето, кои активности ги опфаќа и уште неколку активности,што се битни за туристите.