Измените на Законот за енергетика ќе се најдат пред пратениците во Собранието до почетокот на декември. Ова се очекувањата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини кое со подготовката на новиот Предлог-закон ќе направи своевиден чекор кон исполнување на обврските кои државата ги има преземено согласно Пакетот на ЕУ за чиста енергија.
-Со законот се транспонира законодавниот Пакет на Европската унија за чиста енергија, како што е адаптиран од страна на Министерскиот совет на Енергетската заедница – велат од секторот за односи со јавност при ресорното министерство.
Енергетски заедници за граѓаните, превенирање непотребни трошоци за инвеститорите: Што ќе донесе новиот Закон за енергетика?
Новите измени ќе донесат поголеми права за потрошувачите и ќе им дадат поактивна улога преку можноста да основаат граѓански енергетски заедници. Ова во писмен одговор го објаснуваат од Министерството за енергетика, до каде ММС се обрати со прашање што ќе се менува во актуелната регулатива.
„Со законот треба да се обезбеди овозможување и олеснување на интеграцијата на националниот електроенергетски систем и пазарот на електрична енергија со оние во регионот. Понатаму, воспоставување на сеопфатен систем за оценка на сигурноста во снабдувањето, идентификација на кризни сценарија и донесување на планови за подготвеност за справување со ризици и управување со кризни состојби“, посочуваат од Министерството во одговорот до нашата редакција.
Од Министерството најавуваат и продлабочена соработка со Агенцијата на ЕУ за сите прашања од интерес за енергетскиот сектор.
Оваа институција исто така, информира дека енергетската политика ќе се подобри и во однос на планирањето на изградбата на објекти за производство на електрична енергија.
„На овој начин ќе се превенираат ситуации во кои потенцијалните инвеститори би се изложиле на непотребни трошоци, односно да не ја реализираат започнатата инвестиција“, појаснуваат од Министерството.
Измени ќе претрпи и Законот за минерални суровини, а надлежните најавуваат и подзаконски акти за уредување на истражувањата и експлоатацијата.
„Изготвена е Нацрт- финална верзија на Стратегија за одржливо користење на минералните суровини и ќе се воспостави катастар на наоѓалишта и појави на минерални суровини“, велат надлежните.
Граѓаните да го имаат последниот збор за издавање концесија за минерални суровини, едно од барањата за промени во легислативата
Граѓанскиот сектор пак, со порака – можност за подобрување на законската регулатива секогаш има, но подеднакво важна е и нејзината примена, а најважно е да функционира правната држава во сите сегменти.
„Законот за енергетика беше револуционерен во моментот на носење, со обезбедување рамка за производство на обновлива енергија. Но, како екологисти имавме и имаме проблем со подзаконските акти, како и со Стратегијата за енергетика, која ја одразува големата неусогласеност помеѓу енергетичарите, рударите и екологистите меѓусебно, а и во однос на европските барања за климатска акција и борба со климатските промени. Останува недефинирано прашањето на употребата на јаглен во енергетиката, како голем локален и регионален извор на загадување“, вели во изјава за ММС, Лилјана Поповска од Зелен институт.
Освен тој за енергетика, таа вели дека за животната средина исклучително важен е и Законот за минерални суровини кој низ годините претрпе измени, но како што смета, сѐ уште има недоречености.
„Законот за минерални суровини го спасувавме од еден упад во 2021, кога се направи обид да се избришат финансиската гаранција и техничко-технолошкиот елаборат како неопходни услови за поднесување барање за концесија, да се намалат критериумите за ископи на песок и чакал, како и редица други „олеснувања“ на постапките во интерес на концесионерите, а на штета на државата и животната средина. Потоа тој предлог-закон беше повлечен, а екологистите беа повикани да учествуваат во унапредување на законот“, потсетува Поповска.
Според нашата соговорничка, голем дел од барањата на екологистите биле прифатени и вградени во новото законско решение.
„Во Законот остана и одредбата за забрана за цијаниди и сулфурна киселина во нови рудници за металични суровини со отворен коп, што беше мој предлог, поддржан од десет колеги пратеници и усвоен од Парламентот во 2019 по едногодишно натегање“, додава Поповска која беше дел од пратеничкиот состав од 2016 до 2020 година.
И покрај ова, таа вели дека овој закон и понатаму не решава некои важни прашања, а за да може преку легислативата во поголема мера да ја заштитиме животната средина, јавните дебати и референдумите на локалните жители ќе треба да станат одлучувачки фактор за издавање концесија за минерални суровини.
„Меѓу она што треба да се уреди е и детална регулација на хидројаловиштата како најопасен дел од рудниците, кој е во голем дел оставен во други закони; ограничување на ископите на песок и чакал во близина на водотеци само врз база на еколошки параметри, заради уредување на речни корита или крајбрежие, а не заради бизнис; јасно дефинирање на контролата над рудниците од страна на Државниот инспекторат за животна средина, со појасна дистинкција од Државната техничка инспекција“, посочува Поповска.
Освен тоа, вели активистката, државата треба да се обврзе дека ќе изработи годишна програма за рекултивација на стари рудници, кои се сега претворени во жешки еколошки точки и ја загадуваат околината.
„За сите овие прашања во 2022 подготвивме 30-ина амандмани до пратениците, тие беа поднесени од тогашната опозиција, но немаше мнозинска воља за изгласување. Да заклучам, ако измените на овој закон се планираат во насока на решавање на овие прашања, ќе има придонес за заштитата на животната средина“, порачува Поповска.
Големите рударски апетити ќе ја хаварисаат екологијата – предупредуваат екоактивистите пред донесување на Стратегијата за рударство
Таа беше дел од екоактивистите кои неодамна ги поставија овие прашања на маса заедно со ресорната министерка, Сања Божиновска. До неа ги адресираа барањата кои пред речиси една година ги упатија и до Министерството за економија, во чија надлежност беше Стратегијата за рударство.
Над 40 организации едногласно побараа овој стратешки документ да даде гаранција за еколошките параметри кои ќе ја заштитат животната средина, биодиверзитетот и човековото здравје. Сепак овој документ кој е познат и како Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини ќе го види „светлото на денот“ откако Собранието ќе го донесе Законот за енергетика.
Ова Божиновска им го предочила на граѓанските организации кои се сретнаа со неа децидно порачувајќи дека Македонија е премала за апетитите на рударскиот бизнис.
„Лично, како екологист, сметам дека Македонија никако не смее да си дозволи отворање нови рудници за металични суровини, зашто и овие што ги има премногу и тежат. Не сме ние Кина, САД, или Канада и немаме простор за заштитни тампон зони од 500 км. Сѐ е тука, на тесен простор. Неметаличните суровини се друга приказна и друга технологија, која треба исто така сериозно да се осовремени, за да се спречат штети. И затоа треба да се угледаме на земји како Австрија и Швајцарија, на пример, кои се откажале од експлоатација на богати резерви злато и други метали, зашто не им се вклопило во концептот за производство на здрава храна, туризам, смарт и лесна индустрија“, вели Поповска во изјава за ММС.
Барањето за гаранција на еколошки параметри доби поддршка од 49 засегнати страни, меѓу кои невладини организации и јавни институции. Секоја од нив инсистира стратешкиот документ да се усогласи со останатите стратегии за животна средина, климатски промени, туризам, земјоделие и рурален развој, енергетика, врз база на кои се вложувало во инфраструктура, субвенции и бизниси.
„Велиме НЕ за рудници во заштитени подрачја; во еколошки жешки точки оптоварени со загадување; на 5 км од населено место или заштитено подрачје (што важи за секаква Г1 загадувачка индустрија). Бараме и ред други еколошки принципи и начела, што се содржат во наши закони или во прифатени меѓународни конвенции и ЕУ директиви“, објаснува Поповска.
Загрижени за уништувањето и загадувањето на животната средина, екоактивистите бараат санација и рекултивација на старите рудници, грижа за еколошките мрежи за заштита на биодиверзитетот, но и затворање на ископите на јаглен.
Оваа Стратегија ја изработи МАНУ во соработка со Министерството за економија, но со реорганизацијата на институциите што ја направи владата предводена од премиерот Мицкоски, прашањето веќе е под надлежност на новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Нашата редакција го праша ова Министерство дали во документот кој го затекнале успеале да ги вметнат веќе искажаните забелешки на екоактивистите, но оттаму не добивме конкретен одговор.
Тимот за односи со јавноста најави јавна расправа на оваа тема со сите засегнати чинители.
„Во Стратегијата целосно е транспонирана и имплементирана Директивата за рударски отпад 2006/21/ЕC. Се прават постојани измени и дополнувања на постојните законски акти со усогласување на европските директиви“, ни посочија од Министерството.
Додека екоактивистите гласно велат „не“ за рудници во дворовите на луѓето, не во нивите, не покрај водите, не во заштитени подрачја, тие сметаат дека финалната верзија на Стратегијата не би можела да биде издржана без да се донесе и нов Просторен план.
Поповска од Зелен институт потенцира дека просторниот план треба да се ажурира бидејќи токму во него се вградени постојните живеалишта на луѓето и целокупниот жив свет, земјоделските земјишта, природните и културно-историски споменици, заштитените подрачја, сите производни инсталации и дејности и така натаму.
„Просторниот план е клучен документ за севкупниот развој на државата, а го изготвува Агенцијата за просторно планирање, под Министерството за животна средина и просторно планирање. Според комплексен мултисекторски инженерски пристап треба да се утврди намената на различни подрачја на државната територија, водејќи сметка за социо-економскиот развој, квалитетот на живот на граѓаните и животната средина“, додава Поповска.
Таа порачува дека не можеме да ги губиме и природата и здравјето поради хипотетични идни заработки.
„Задача на економистите е да направат сериозни кост бенефит анализи, за да ги имаат политичарите сите бројки пред да носат одлуки. Конечно, да имаме на ум и квалитетот на живот е многу важен во одлуките на нашите граѓани дали ќе останат дома“, заклучува Поповска.
Со овој текст, ММС.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.
Вања Мицевска