Со возила и жив штит од рано изутрината во 5 часот, граѓаните на Кочани со блокада на градската депонија не дозволуваат влез на камионите кои го носат отпадот. Воспоставени се граѓански стражи, кои ќе траат постојано, 24 часа во текот на денот, се’ додека не почне третманот со алги, како решение за запалената депонија, кое досега се покажа како најефикасно.
-Сакаме да знаеме кога точно ќе почне третманот на депонијата со алги. Советот на Општина Кочани уште пред шест месеци за ова изгласа одлука. Но, наместо третман, депонијата продолжува да чади и загадува, а граѓаните заболуваат. Според последните податоци, само за шест месеци 6500 граѓани се со последици по здравјето, изјави Ана Симонова од организацијата „Грин орг“.
Граѓаните бараат поставување на видео надзор и оградување на депонијата, како и да престане носењето на отпадот од соседните помали градови.
Изутрината меѓу граѓаните дошла и директорката на КјП „Водовод“, Кристина Финдачка, која на насобраните им соопштила дека треба да продолжи работата на механизација, по што ќе почне третманот со алги. Поставена е и 24-часовна стража од вработените на јавното претпријатие.
Разговаравме со секретарот на Општина Кочани, Драган Ананиев, кого го прашавме зошто се чекаше шест месеци за да почне третманот со алги.
-Донесена е одлуката, меѓутоа имаше избори, па се чекаше да се измени планот за јавни набавки на јавното претпријатие. Од вчера почна работата на механизацијата за подготовка на теренот за да може да почне третманот со алги. Избран е операторот, но кога ќе почне третманот, зависи од тоа кога ќе заврши механизацијата на терен. Само во текот на вчерашниот ден донесена е земја со 50 камиони кои носат 18 тони, изјави Ананиев.
На прашањето кога точно ќе почне третманот со алги, Анананиев рече дека не може со сигурност да каже, но веројатно ќе треба една недела. Додаде дека и целиот процес е комплексен, носечка институција е Министерството за заштита на животната средина и се’ е поврзано со активностите за изградба на регионалната депонија кај Свети Николе.
Меѓутоа, засега граѓаните не отстапуваат. Организирани се во пет смени, во текот на денот и ноќта.
„Блокадите ќе траат се’ до трајно решение. Мора да бидете издржливи. Вие сте на потег за да го заштитите своето здравје и здравјето на најмилите“, е повикот од граѓаните.
Депонијата во Кочани, кај селото Бели во подножјето на Осоговските Планини, речиси и да не престанува да чади. Густи облаци со чад ја обвиткуваат Кочанската котлина, поради што граѓаните реагираат на загадувањето на воздухот и ширењето на силна миризба од изгорени материи од отпадот на запалената депонија.
В.К.
Фото: KOЧАНИ СО ❤️ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ, ВОДА И ПОЧВА