„Дали е вистински ова?“ – деновиве може да се прочитат вакви прашања на Фејсбук од корисници, кои споделуваат фотографии со кутии со жолтото логото на Македонска пошта (Пошта на Северна Македонија). Под фотографијата се тврди дека се работи за заборавени пратки, кои се ставени во големи кутии, кои чинат само 120 денари.
„Секоја година, камповите на Пошта на Северна Македонија Изгубени пакети. Во согласност со упатствата на Пошта на Северна Македонија, овие артикли се достапни само за 120 MKD. Внатре можете да најдете разни предмети – од електронски уреди и предмети за домаќинството до додатоци и подароци“, е буквалниот текст што се споделува со фотографиите.
Се работи за текст напишан на неправилен македонски јазик.Понудата со линк води кон интернет страна со логото на Пошта, ама кога ќе се провери сајтот, излегува дека се работи за страна – way4sale3.shop, која нема врска со Македонија. Со едно обично проверување за кој сајт се работил, излегува дека е страна регистрирана во Рехјкјавик, Исланд, на сајтот за регистрација namecheamp.com.
Дополнително, со едноставна проверка на фотографијата, изворното потекло е од интернет страна за продажба на заостанати пратки, ама на компанија, која работи во Тениси, САД. Измамниците ја модофицирале фотографијата, додавајќи лого на Македонска пошта и со големи бројки напишана наводната цена на кутијата со вредни заборавени пратки.
За иста таква измама со идентични фотографии, алармирале и медиумите во Лихтенштајн.
„Измама за онлајн испорака:Над 1.000 пакети со лаптопи, часовници и други вредни предмети кои наводно се продаваат за само два франци моментално ги примамат луѓето на интернет. Причината наводно е тоа што магацинот на Лихтенштајн Пошта е преполн. Но, бидете внимателни: ако нешто звучи премногу добро за да биде вистина, обично е така“,пишува во текстот од медиумот од Лихтенштајн.
Другата фотографија, која треба да ги увери граѓаните дека се работи за легитимна продажба исто така покажува голем број на пратки, кои машински се распоредуваат големиот број на пакети со вредни предмети. Со обично пребарување, фотографијата води кон германски сајтови, кои ги илустрираат текстовите за деловните успеси на Дејче пост (Пошта на Германија).
Ова е само уште една од борјните дигитални измами, кои имаат за цел да ги добијат личните податоци и банкарските сметки на граѓаните, кои ќе поверуваат во можноста да добијат електронски усреди и десетици други вредни работи за само 120 денари. Наместо тоа, на крај, може да останат и без пари на сметка.
Препораката како и секогаш е размислете логички дали е тоа можно и секогаш проверувајте од каде доаѓа понудата, кој стои зад тоа и секако проверете на официјалните канали за комуникација на компанијата за која се зборува.
В.К.